Осовременување на наставниот процес, едукација, креативна работа со
ученици, усовршување на странските јазици, земање на позитивни примери од
образовните системи на другите земји... Се чини дека македонските
наставници добро ги искористуваат можностите за патување во други земји
преку Еразмус плус програмата која им овозможува да се стекнат со нови
вештини кои ќе им помогнат да бидат уште подобри во својата работа.
Скопската гиманзија „Орце Николов“ и велешката гимназија „Кочо Рацин“ се
само дел од нашите средни училишта чии наставници поминале неколку обуки
во Малта, Кипар, Австрија, Франција, Шпанија....
Ланската учебна година гимназијата „Орце Николов“ учествувала во проект
насловен „Иновативност-Креативност- Колегијалност“.
- Бидејќи еден од приоритетите на Националната стратегија за развој на
образованието е осовременување на наставниот процес преку поголемо
вклучување на компјутерската технологија, се одлучивме да се пријавиме за
обуки за наставници кои нудат едукација за користење на современи
платформи и компјутерски алатки кои можат да го осовременат наставниот
процес и да ја направат поинтересна и покреативна работата во училница.
Бидејќи во училиштето има традиција за билингвална настава, нашиот интерес
беше и да преку овие обуки наставниците имаат прилика да ги усовршуваат
англискиот и францускиот јазик - вели професорката од гимназијата Ана
Попризова, која е и координатор за проекти.
Се реализирале вкупно 7 обуки во кои биле вклучени 13 наставници, во четири
европски центри за обука (Австрија, Франција, Шпанија, Малта). Обуките кои ги
посетиле се однесувале на методологија на наставата во билингвални
паралелки (француски јазик), имплементирање на ИКТ алатки и платформи во
наставниот процес (Малта, Австрија, Шпанија), како и обука за изработка на
училишни проекти според стандардите на Еразмус (Малта). Наставниците во
текот на првото полугодие, во своите планирања ги интегрирале новите
методологии и ги применуваат во наставата.
- Програмата Еразмус плус е убава можност за наставниците да ги развиваат
своите вештини и знаења, да стекнуваат нови искуства, да запознаваат нови
култури и да креираат мрежа на контакти со колеги од други европски замји -
вели Попризова.
Наставниците велат дека знаењата и искуствата кои таму ги стекнале се
незаменливи и многу инспиративни. Освен знаењата стекнати на обуката,
контактите и споделувањето на искуства со колеги од Германија, Ирска,
Шкотска, Полска се богатство во однос на отварање на патишта за
понатамошна соработка и вклучување во заеднички проекти.
Велешката гимназијата „Кочо Рацин“, пак добила грант за посета на четири
структурирани обуки на различни теми. Учествувале на обуката „Empowerment
in ICT Skills – Making Use of Technology Tools“, која се реализирал во ETI
центарот за обуки во Сент Џулијан, Малта.
- Обуката беше интерактивна, мотивирачка со практични работилници за
интегрирање на ИКТ во наставните методологии. Преку дискусии и групна
работа на проекти имавме можност за размена на искуства и знаења,
поврзувајки ја технологијата од денешно време со методите на учење и
подучување - раскажува наставничката Христина Леова.
Втората обука се одржала во Кипар иимала за цел да ги запознае со
програмата Еразмус+ 2014-2020, целите и приоритетите на програмата,
клучните акции, процесот на подготовка на апликациските формулари и
начинот на менаџирање на одобрени проекти од страна на Националните
агенции. Во Франција наставници заминале на две обуки кои опфаќале
презентации за државата и народот, институциите, образовниот систем и сите
важни настани кои се случувале во последните 12 месеци.
- Сите содржини се од исклучителна важност за учениците кои го изучуваат
францускиот јазик, затоа што дел од наставниот план е предвиден за
запознавање со културата и начинот на живеење на луѓето чиј мајчин јазик е
францускиот. Обуката за меѓукултурна комуникација беше избрана поради
фактот што во нашето училиште се изведува настава за ученици од
македонска и албанска национална припадност. Како дел од програмата на
оваа обука беа обработувани теми кои се однесуваат на причини и последици
во интеркултурни ситуации, адаптирање во нова средина... Секако, најголем
придонес во понатамошната работа на училиштето донесоа работилниците кои
беа работени за време на обуката, а беа презентирани и обработени во
периодот на дисеминација. Учеството на обуките придонесе за нашиот
професионален развој, збогатувајки го не само нашето професионално знаење
и вештини туку и согледување на нови и современи приоди во работата,
можност за размена на искуства и идеи со наставници од различни Европски
држави - вели Леова.
Наставници учесници во овие обуки биле Мариче Лазаровска, Зоран
Трифунов, Петранка Стојанова, Трпе Туфекчиев, Христина Леова, Филимена
Костова, Билјана Миланова и Љубица Темелковска. Сите им препорачуваат и
на другите наставници да се пријавуват на програмите бидејќи е корисно
искуство кое секако ќе придонесе за поквалитетно образование.