70-годишниот Тим Ши поминал долг пат како бездомник и зависник од хероин. Но, од септември му се случила вистинска трансформација на животот откако се преселил на периферијата на Остин, во дом од 37 квадратни метри изграден од 3Д-печатач од компанијата „Икон“.
- Од онаму каде што се наоѓав, не можев ни да замислам дека некогаш ќе имам вакво прекрасно место за живеење - вели Тим, нарекувајќи го својот нов дом чудо. Пред да дојде да живее во „Комјунити фрст вилиџ“, локација од 20 хекатри каде што се сместени 500 куќи за бездомници, Тим живеел во комбе.
3Д-домовите на „Икон“, испечатени со печатачот „Вулкан II“, располагаат со една спална соба, една бања, кујна, дневна соба и голем трем. Извршниот директор на компанијата, Џејсон Балард, вели дека нивната мисија е да создадат достоинствено домување достапно за сите, секаде.
Во интервју за „Њујорк пост“, Тим вели дека неговиот претходен начин на живот го натерал да се скрие од светот.
- Мислам дека моето лично искуство од поранешниот начин на живот ме натера да живеам во школка. Не се чувствував безбедно и кога и да имав можност, се криев и се изолирав. Никогаш не сакав да комуницирам со луѓе - вели Тим.
Но, откако се преселил во неговиот нов дом во септември, животот целосно му се променил.
- Сега го правам токму спротивното и имам многу активности со други луѓе секој ден - вели тој.
На почетокот не можел да верува дека ќе биде првата личност што ќе живее во ваков 3Д-печатен дом.
- Кога дознав дека ќе бидам првата личност во Америка што ќе се пресели во 3Д-печатен дом, помислив дека тоа е прилично неверојатно. Ако сте биле од двете страни на приказната, знаете дека на некои луѓе им треба само малку охрабрување и поддршка - вели тој.
3Д-печатениот дом на Тим не е единствен од ваков вид во селото. „Икон“ изгради 6 вакви 3Д-домови, сите со различен распоред за различни потреби за бездомниците. Тим избрал отворен распоред на еден кат бидејќи има артритис.
- Ранливите популации како бездомниците никогаш не се меѓу првите што имаат пристап до нешто, но сега тука во Остин, Тексакс, тие се меѓу првите што ќе живеат во едни од најуникатните домови некогаш изградени и мислам дека тоа е навистина убава работа - вели Алан Грахам, основач и извршен директор на проектот „Мобајл лоувс & Фишес“, кој заедно со „Икон“ им помага на бездомниците да живеат во вакви домови.
Фото:
Icon