X
 31.05.2018 Живот

50 години од студентските протести во Југославија: Кои се нашите идеали денес?



На 3 јуни 1968 година во СФРЈ почнаа студентски протести, првиот поголем конфликт со тогашниот комунистички естаблишмент. Во Белград, Сараево, Загреб и во Љубљана студентите бараа повеќе од социјализмот – борба против корупцијата и подобра држава. Протестите ја следеа идејата на оние што истата година беа организирани во Европа и во САД.

Годините што го менуваат светот се чини дека доаѓаат ненадејно. Ни се чини дека наеднаш ќе се случи некој настан кој толку многу влијае врз нашата судбина што на почетокот не сме свесни за потезите што биле повлечени со намера да се случи нешто...


Демонстрации од птичја перспектива
(Фото: Pixabay)


Така е тоа секогаш. На пример, и пред 50 години, кога информациите не се разменувале толку брзо како денес, се знаело што се случува низ светот. Во 1968 година луѓето во тогашна Југославија знаеле за случувањата во Европа, Америка, Виетнам. Знаеле дека е убиен Мартин Лутер Кинг, биле огорчени поради атентатот врз Руди Дучке во Германија, му се восхитувале на востанието во Париз, а сето тоа затоа што и самите не биле задоволни од светот што нивните родители го создале по Втората светска војна.

Таа 1968 година Југославија била трета во светот по бројот на студенти во однос на вкупниот број жители. Студентските домови биле пренатрупани, училниците исто така, стандардот не бил на завидно ниво. Гледале како еден круг „партиски другари“ се богатат, како се создаваат класни разлики во земјата на еднаквите, па како поради економските реформи од 1965 година, многу луѓе останале без работа, а голем број заминувале во странство. И сите негодувале, но молчеле. Слушале за протестите во Париз и се прашувале зошто студентите и работниците не се дигнат на ист начин и во Југославија.

Но тогаш, ненадејно, без никој да очекува дека така ќе тргне сè, вечерта на 2 јуни во студентскиот град во Белград почна она што потоа ќе се нарекува „јунско движење“. Доволно била, поради променливото време, една претстава која требало да се одржи на отворено во Студентскиот град да се премести во затворен простор и некој да одлучи дека првенство на влез најпрво имаат бригадирите, а потоа другите. Таквата одлука студентите не можеле да ја проголтаат затоа што на своја кожа ги почувствувале општествените поделби. Почнало негодување, фрлање камчиња, конфликт со редарите и интервенција на милицијата, по што била запалена капислата заради која наредните 7 дена биле затресени и државниот врв, партијата и целиот систем во тогашна Југославија.

Судирот на студентите со милицијата, кој траел целата ноќ, се пренел и наредниот ден кога студентите тргнале кон центарот на Белград со намера да стигнат до Собранието на Југославија. Тогашниот политички врв на Србија, на Белград и на партијата се обиделе да ги запрат студентите. Кај  подвозникот што не постои повеќе, во близина на Сојузниот извршен совет, се собрале највисоките политички функционери. Денес тоа би било необично, но тогаш министерот за внатрешни работи лично ѝ заповедал на милицијата, а претседателот на Собранието преговарал со студентите. Тоа за системот било сосема нова ситуација затоа што стравувале дека студентите сакаат да го срушат режимот. Не е ни чудно што почнале да се шират дезинформации дека всушност нивната намера била да влезат во Собранието и да го заземат. Тој страв на системот довел до нова интервенција на милицијата, која, како што велат учесниците, била ненадејна и неочекувана, затоа што и натаму траеле преговорите меѓу студентите и претставниците на власта...

Акцијата на полицијата во ништо не била побрутална од онаа при протестите во 90-тите. Ќотек добиле и студентите, и професорите, и политичарите. Никој не настрадал. Но, во тоа време, тоа било непоимливо. Во тој хаос никој не се сетил да го спречи објавувањето на веста, па контролираните медиуми јавиле дека милицијата интервенирала против студентите, што предизвикало незадоволство кај јавноста. Студентите се повлекле на своите факултети, ги окупирале, деканите им ги предале клучевите, а тие не сакале да се повлечат оттаму сè додека не им се исполнат барањата.

А барале подобра држава и еднаквост. Сакале подобри услови за живот, работа за сите, бесплатно школство. Барале и да падне црвената буржоазија, кнезовите на социјализмот. Не сакале да го менуваат државниот врв. На своите протести носеле фотографии од Тито. Немало национализам, Белградскиот универзитет го прогласиле за Универзитет „Карл Маркс“. Биле поголеми левичари од левичарите. Биле вистински социјалисти и ги виделе мешетарите што го користеа социјализмот само за сопствена корист.

Слични настани почнале и во другите студентски центри. Сараево, Загреб, Љубљана станале во знак на поддршка на своите белградски колеги. Протестите биле со помал интензитет во тие градови, но доволно силни да ја загрижат тогашната власт. Не биле толку театрални како во Белград затоа што го немале Драгољуб Мичуновиќ, кој како професор застанал пред студентите, ниту актерот Стево Жигон со својот говор да ги покрене масите. Тоа било време кога заради идеите што ги истакнувале студентите, претставувало чест да се биде во зданието на Капетан Мишо и да се говори пред нив. Сите што значеле нешто во јавниот живот - како Десанка Максимовиќ, Душко Радовиќ, Мира Ступица - доаѓале на протестите, или како Бранко Чопиќ, им оставале парична помош...

Во внатрешноста на факултетот студентите расправале како треба да изгледа државата, на кој начин да се спречи богатењето на едни, а сиромаштијата на други лица. Се обидувале да ги охрабрат и работниците да им се приклучат, но системот, по првичниот шок се консолидирал, па го спречил контактот помеѓу студентите и работниците.

Тие 7 дена, 24 часа дневно ги воделе идеали да ги бранат своите ставови и да не се откажуваат. Ги чекале промените што единствено Тито можел да ги обезбеди. А тој бил надвор од Белград. Седел на Бриони и добивал информации, но не реагирал. Молчел, што дополнително ги збунувало студентите, но и тогашните партиски функционери. Сепак, морал да се врати во Белград заради доаѓањето на индискиот претседател, па на 9 јуни вечерта одржал состанок со претседателството на СФРЈ. Велат дека бил лут, дека сметал дека улицата не може да го смени системот и дека сите ќе бидат казнети. Но тогаш, мошне итро излегол пред јавноста со говор со кој практично ги поддржал студентите, истакнувајќи дека 90 проценти од нив се чесна младина која системот ја заборавил, затоа што многумина виделе корист од капитализмот. И погодил во центарот на метата. Неговиот говор бил поддржан со овации, се заиграло козарачко оро, студентите сфатиле дека победиле и дека нивната револуција завршила. Но, не без консеквенции.

Набрзо потоа, многу лидери на протестите останале без пасоши. Драгољуб Мицуновиќ и уште 7 професори биле избркани од факултетите, некои политичари биле сменети, и се откажале реформите од 1965 година...

Револуцијата во Југославија, како и оние во Париз или Берлин, како што велат историчарите, не успеала да покрене промени и да го модернизира светот. Најголем победник во СФРЈ бил Тито, кому подоцна таа година во прилог му дошол и упадот на трупите на Варшавскиот пакт во Прага за да го смири бунтот на младите во таа земја.

Идеалот што ги покренал протестите во 1968 година денес на младите генерации им изгледа чуден. Денес се делиме по сите основи, не ги слушаме и ги мразиме противниците, а тогаш биле водени само од идеалите и желбата да создадат подобар свет, добар за секого. Кои се нашите идеали денес?


Пишува: Марко Суботиќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот