Секоја студиска програма што поседува Решение за акредитација и Решение за почеток со работа од високообразовна установа која е запишана во Регистарот на ВОУ што го води МОН има право да издаде дипломи, кои се признаени во државата и надвор од неа, информира директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование, Агим Рушити
Приватниот научен институт – Академија за естетска стоматологија во Скопје е основан во 2018 година како научноистражувачка установа акредитирана од страна на Министерството за образование и наука -МОН и e запишан во Регистарот на научноистражувачки установи што го води МОН. Тоа е една од акредитираните студиски програми на кои може да се добие диплома во Македонија.
Институтот е формиран согласно одредбите на Законот за високо образование, што му дава право покрај научноистражувачка дејност, да врши и високообразовна дејност од втор, магистерски и трет циклус на докторски студии.
Одборот за акредитација и евалуација на високото образование и Агенцијата за квалитет во високото образование се надлежни органи за акредитација на студиски програми.
Постојат триесетина високообразовни установи и установи како вршители на високообразовна дејност во Македонија. Поделени се во неколку сектори, и тоа јавни високообразовни установи, како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот во Тетово, „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, Универзитет „Мајка Тереза“ ...
Тука се и приватните, меѓу кои Eвропски универзитет, Американ колеџ, „Визион“ - Гостивар,Универзитет за туризам и менаџмент, Универзитет за аудиовизуелна уметност, Европска филмска, театарска и танцова академија - ЕФТА, Меѓународен славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе, МИТ Универзитет и други.
И неколку самостојни виши стручни школи се акредитирани од страна на Одборот за акредитација на високото образование, орган на Агенцијата за квалитет во високото образование, меѓу кои Факултетот за бизнис-економија Скопје, Бизнис-академија Смилевски - БАС Скопје, „Еуро колеџ“ Куманово, Висока школа за новинарство и односи со јавноста Скопје, „Бреинстер Некст“ Скопје, Училиште за мода со Фашион десигн институт - Тетово, Интернационален институт за мода „Изет Цури“...
Тука се и јавни самостојни научни институти, приватни самостојни научни институти, високообразовни установи на верски заедници, странска високообразовна установа која врши високообразовна дејност на територијата на Македонија.
На вкупно 34 факултети, универзитети и виши школи може да се добие диплома во Македонија.
- Високообразовна дејност, односно дејноста на високото образование, согласно Законот за високото образование, се врши на следните високообразовни установи: универзитет, факултет, уметничка академија и висока стручна школа кои се во состав на универзитет (кои се сметат како единици на универзитет) и самостојна висока стручна школа - ни сподели Агим Рушити, директор на Агенцијата за квалитет во високото образование.
Универзитетот и самостојната висока стручна школа се самостојни високообразовни установи. Високообразовните установи можат да бидат јавни, приватно-јавни непрофитни установи и приватни непрофитни установи. Универзитетот и самостојната висока стручна школа имаат својство на правно лице. Единиците на универзитетот имаат права и обврски, определени со Законот за високото образование, актот за основање на универзитетот и статутот на универзитетот, објаснува директорот Рушити.
Секоја студиска програма што поседува Решение за акредитација и Решение за почеток со работа од високообразовна установа која е запишана во Регистарот на ВОУ што го води МОН, има право да издаде дипломи, кои се признаени во државата и надвор од неа - дополнува директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование.
Фото: приватна архива