X
 31.05.2022 Живот

Работниците во фабриките во Шангај јадат и спијат во производните хали

Фабриките во Шангај смеат да работат под услов вработените воопшто да не ги напуштаат, така што луѓето со недели работат, но и јадат и спијат во производствените погони на „Фолксваген“, „Сименс“ и на други големи фирми, пишува „Дојче веле“.

Германскиот медиум објавува сторија за неименуван вработен во „Кванта компјутер“ во Шангај, кој со седмици престојува на работното место. Тенок картон и на него вреќа за спиење - тоа е неговиот кревет сместен меѓу два производни погони. Името намерно не го соопштува стравувајќи да не биде отпуштен од тајванската фирма што испорачува компоненти за американскиот „Епл“.

Од избувнувањето на короната во кинеската метропола тој не може да ја напушти фабриката. Заедно со уште две илјади работници веќе еден месец е на работа. Откако беа затворени сите фабрики, компаниите добиваат дозвола за работа од властите, но под услов работникот што ќе дојде на работа да не смее да излегува надвор од фабричкиот круг.

Шангај е стопанскиот центар на Кина, кога таму работата стои, тоа се чувствува насекаде низ светот, пишува „Дојче веле“.

- Повеќето од четирите илјади фирми што повторно смеат да работат се клучни за автомобилската индустрија, машинството, хемиската или фармацевтската бранша - изјави Бетина Шон-Баханзин, потпретседателката на Европската стопанска комора во Кина.

Таа додава дека повеќето од компаниите сега работат само со третина или половина од капацитетот. Речиси третина од фирмите во кои работниците се изолирани во производството се странски компании.

- Според нашите информации, моментално не е можна ни ротација на работниците - вели Шон-Баханзин, која 2,5 месеци е во изолација во нејзиниот стан во Шангај.

- Кој ќе влезе во фабрика, таму останува. Луѓето смеат да излезат само во случај на болест. Можете да замислите колкав е тој психолошки притисок - вели таа.

Производните хали се претворени во спални. На некои места се појавија шаторски кампови. Управата на фабриките поставува импровизирани бањи.

- Имаше трка кој да добие вреќа за спиење и постелнина - вели Петер Вилемсен, претседател на кинеската филијала на „Рајнметал“, германски производител на оружје и делови за автомобили.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот