Имав можност да работам за интернационални компании во Македонија, Кина, Шпанија и во Холандија. Научив многу за целокупниот процес, од дизајн, развивање до производство и продажба на текстилен производ. Посебно би го издвоил искуството во централната канцеларија на PVH каде што имав можност да комуницирам и да посетам производни капацитети во Индија, Кина, Бангладеш, Турција, Португалија, Италија, вели Тодор
Тодор Стојанов од Штип е моден дизајнер кој основа свој сопствен бренд под името Leap Concept, кој е препознатлив по плетени производи од 100 % кашмир волна. Докторирал моден дизајн и инженеринг во Шангај, Кина, на Универзитетот „Донг Хуа“, каде што добил стипендија од Владата на Народна Република Кина. Своите дипломски студии ги завршил на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, на отсекот конфекциско инженерство, по што магистрирал на истиот факултет на отсекот управување со квалитет. Во неговото работно искуство се вбројуваат и ангажманите за интернационалните модни компании C&A, Zara (Inditex), Tommy Hilfiger и Calvin Klein (PHV) во Холандија, Шпанија и Кина. Во интервјуто за Факултети.мк, Тодор ни раскажа за неговиот пат кон успехот и за неговите понатамошни амбиции во светот на модата.
Како ја доби стипендијата за докторски студии на Универзитетот „Донг Хуа“ во Шангај?
- Секоја година Владата на Народна Република Кина преку својот Совет за стипендии доделува стипендии за интернационални студенти со фокус на земјите во развој. Аплицирав преку нивната официјална веб-страница, ги селектирав универзитетот на кој сакав да студирам и насоката во која сакав да истражувам и добив позитивен одговор. Целата програма вклучува една година изучување на кинескиот јазик и 3 до 4 години истражувачка дејност.
Колку ти послужи нашето образование во понатамошното надградување?
- Нашето образование ми даде добра и сеопфатна основа за областа што се одлучив да ја изучувам. Она што е многу поважно за понатамошното професионално надградување е постојано следење на трендовите од мојата струка, но и во другите индустрии кои на директен или индиректен начин имаат допирни точки со она што го работам. Сметам дека нашето образование треба исто така да се посвети на следење на светските економски/индустриски трендови и на решавање глобални проблеми. На тој начин истражувањата би биле интернационално прифатени.
На која работна позиција стекна најголемо искуство?
- Во текот на моето работно искуство имав можност да работам за интернационални компании во Македонија, Кина, Шпанија и во Холандија. Научив многу за целокупниот процес, од дизајн, развивање до производство и продажба на текстилен производ. Собрав работни искуства од различни земји и култури. Но она што е најбитно е што се запознав со начинот на кој функционираат најголемите светски модни корпорации, особено додека работев за Inditex во Шпанија и PVH во Холандија. Посебно би го издвоил искуството во централната канцеларија на PVH каде што имав можност да комуницирам и да посетам производни капацитети во Индија, Кина, Бангладеш, Турција, Португалија, Италија.
Која од државите во кои си престојувал нуди можност за профилирање на млади креативни луѓе?
- Холандија има навистина добри можности за образование, кариера и поддршка на претприемачки бизниси, како и добра поврзаност со земјите во Европа и во светот. Особен фокус и поддршка имаат иновативните и креативни бизниси кои се насочени кон одржлива економија, циркуларна економија, заштита на животна средина, социјална заштита, но исто така и нови материјали, технологии и дигитализација.
Од каде потекнува идејата да основаш сопствен бренд?
- Работата за голема компанија наложува следење на политиките на компанијата, но основањето сопствен бренд и компанија ми дава можност да го правам она за што верувам дека е добро и ме исполнува. Работата за различни модни брендови ми овозможи да соберам доволно знаење и искуство да започнам сопствен моден
бренд, заснован на одржливост и употреба на природни материјали. Повеќе за брендот може да се прочита на
веб-страницата.
По што би сакал да биде препознатлив твојот бренд?
- Leap Concept е одржлива марка со безвремен дизајн што создава плетени производи од 100 % кашмир волна. Некои од производите се унисекс и можат да бидат комбинирани на различен начин. Во периодов што следува подготвуваме соработка со артисти од други креативни области, но за тоа може да зборуваме повеќе во некоја наредна пригода.
Кои се твоите понатамошни цели и планови?
- Во наредниот период работиме на нова колекција пролет-лето и размислуваме како да ја презентираме преку моден едиторијал. Исто така, работиме на промоција.
Фото: приватна архива