Секој дваесетти човек во светот боледува од сезонско афективно нарушување кое е на листата со ментални нарушувања од 1984 година. Најновото истражување покажува дека 5 отсто од луѓето со ова нарушување имаат летна депресија.
Податоците покажуваат дека ова нарушување е поизразено во земјите од јужната хемисфера како Австралија, Индија и Латинска Америка.
За разлика од зимската депресија, малку работи се знаат за летната депресија.
Што ја предизвикува летната депресија?
Изложеноста на неподносливи високи температури и висока влажност, велат психолозите. Една од причините за лошото расположение е и тоа што деновите на крајот на летото стануваат пократки и постудени.
Иако промените во расположението се вообичаени поради временските промени, летната депресија е потешка состојба со поинтензивни симптоми, кои предизвикуваат дополнителен стрес, а некои може да доживеат дури и самоубиствени мисли, се наведува на веб-страницата на Американскиот центар за зависности и ментално здравје.
Малкуте истражувања покажуваат дека кон ова нарушување повеќе се склони жените, но и луѓето кои се незадоволни од сопствениот изглед.
- Незадоволството расте уште повеќе во текот на летото бидејќи носат помалку облека, одат на плажа, па нивната и онака кревка самодоверба дополнително се намалува, запаѓаат во нов тип депресија и расте непријатноста - објаснуваат психолозите.
Еден од ризик-факторите може да биде вишокот слободно време, особено за децата, поради што родителите тешко се справуваат со тоа бидејќи мора да работат.
Луѓето чии семејства веќе имаат други нарушувања на расположението, како што е биполарното растројство, се посклони кон летна депресија.
Експертите велат дека летната депресија, која се јавува на крајот на пролетта, а завршува на почетокот од есенските месеци, секоја година е сѐ поизразена.
Справување со летната депресија
И додека некои со нетрпение го очекуваат летото, одморот, морето, други попрво би биле дома, избегнувајќи секаков контакт. Но, ако таквата состојба продолжи повеќе од две недели и влијае врз нашето секојдневно функционирање и однос со другите луѓе, а се јавува две години по ред, тоа е летна депресија и треба да се побара помош.
Психолозите препорачуваат луѓето со вакви симптоми да избегнуваат дневна светлина и топлина бидејќи дополнително се влошуваат симптомите.
Покрај психотерапијата, постојат различни стратегии кои можат да помогнат полесно да се надмине ова нарушување, советуваат од Американскиот центар за зависност и ментално здравје:
- Редовна физичка активност;
- Здрава исхрана;
- Не е потребна целосна изолација бидејќи така се создава дополнително чувство на напуштеност и осаменост.
Извор:
ВВС
Фото: Freepik