X
 10.05.2019 Култура

Брод во кој загинале стотици мигранти изложен на Венециското биенале

Бродот на кој загинале стотици мигранти покрај брегот на Либија во 2015 година е изложен на Биеналето во Венеција како дел од новата уметничка инсталација на уметникот Криштоф Бихел.

Станува збор за остатоци од една од најпознатите трагедии на Медитеранот во која загинале меѓу 700 и 1.100 луѓе.

Бродот потонал на 18 април 2015 година, помеѓу Либија и италијанскиот остров Лампедуса, откако се судрил со брод што одговорил на неговиот повик. Имало само 28 преживеани.

Трагедијата предизвикала тогашниот италијански премиер Матео Ренци да ја спореди ситуацијата со мигрантите што се обидувале да стигнат до Европа, со убиствата на босанските муслимани во Сребреница за време на балканскиот конфликт.

1
Фото: ЕРА

- Пред 20 години ние и Европа ги затворивме очите пред случувањата во Сребреница. Денес не е возможно повторно да се затворат очите и само да се одбележат овие настани подоцна - изјави тој тогаш.

Бродот беше донесен во Венеција за да обезбеди потсетување на овие настани. Уметникот Кристоф Бишел ја добил идејата кога посетил здружение на локални заедници во Палермо, во текот на уметничкиот проект Манифеста во 2017 година. Но, носењето на бродот во Венеција било сложено.

Во 2016 година бродот бил однесен во сицилијанската поморска база на Мелили, каде што телата заробени во трупот биле отстранети и идентификувани - огромна операција во која биле вклучени екипи од форензички патолози. Капетанот на бродот, Мохамед Али Малек, подоцна бил прогласен за виновен за убиство.

Имало различни предлози за тоа што да се прави со бродот. Но, италијанските власти на 29 април го објавиле проектот наречен „Барка ностра“ (Нашиот брод), партнерство помеѓу Бихел, сицилијанскиот градски совет на Аугуста и други - со Венеција како прво пристаниште. Долгорочниот план е да стане градина на меморијата во Аугуста.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура