X
 31.08.2020 Технологија

Супервид, елиминирање на болката, предвидување болести... За што сѐ би се користел новиот уред на Илон Маск?

Минатата недела Илон Маск претстави мозочен имплант произведен од неговата компанија „Неуралинк“. Настанот ѝ го привлече вниманието на јавноста бидејќи беше претставена свиња со ваков имплант во мозокот.

На крајот на настанот, дел од тимот што работел на имплантот ги одговарал најинтересните прашања поврзани со уредот. Од нивните одговори може да дознаеме што може да очекуваме од имплантот во иднина и начинот на кој би можел да се применува.

Подобрен вид

Еден од инженерите открил дека проектот има потенцијал да им помогне на луѓето што имаат повреди на очите или се слепи поради повреда. Се планира вградување камера директно во визуелниот кортекс и стимулирање на илјадници електроди за да се добие визуелна слика. Илон Маск додал на ова дека луѓето би можеле да добијат супервид со оваа технологија, односно со помош на уредот луѓето би можеле да гледаат разни бранови должини, како ултравиолетова или инфрацрвена.


Фото: YouTube

Телепатија

Луѓето прават голем напор за да ги претворат мислите во зборови, а овие зборови покажуваат само дел од неверојатните способности за размислување на човекот. Маск објаснил дека луѓето трошат огромно количество ментална енергија за да ги соберат концептите и мислите во главата и да ги претворат во зборови. Со уредот на „Неуралинк“ би можеле да испраќаме мисли и да комуницираме многу побргу.

Како осцилоскоп за мозокот

Осцилоскопите обезбедуваат визуелни информации на екран, а слично на тоа, уредот на „Неуралинк“ би можел да ни помогне во разјаснувањето на многу функции во мозокот.

Клуч за скриена креативност

Како во случајот со телепатијата, нашите комуникациски системи не се доволни кога станува збор за пренесувањето на мислите. Еден од главните истражувачи во компанијата смета дека во секој од нас се крие огромна неискористена креативност. Со помош на уредот би можеле да ги прикажеме концептите што ги замислуваме во главата, а кои не може да ги објасниме.

Враќање спомени

Спомените избледуваат. Тие се заменуваат и се менуваат, а со текот на годините се губи оригиналната верзија. Еден од вработените во „Неуралинк“ открил дека со помош на уредот би можеле да ги враќаме спомените и да го менуваме расположението како што сакаме. Доколку компанијата успее во ова, когнитивните болести може да станат минато.

Елиминирање болка

Еден од неврохирурзите  зборувал за болката кај луѓето. Постојат многу болести што им предизвикуваат болка на луѓето, а дури и третманите за некои болести се болни. Доколку болката може да се минимизира, начинот на кој се бориме со одредени болести може да се смени, а уредите на „Неуралинк“ би можеле да имаат улога во промената.

Симбиоза со вештачката интелигенција

Според Маск, за луѓето ќе биде важно да живеат во симбиоза со вештачката интелигенција, а ова може да биде најглавната улога на уредите на „Неуралинк“.


Свеста низ леќата на физиката

Според еден од истражувачите што работат во „Неуралинк“, малку се знае за природата на свеста и имаме ограничени алатки за нејзино истражување, а новата технологија може да го смени тоа.

Предвидување болести

Замислете иднина во која нема болести бидејќи сите знаат што ќе им се случи пред да добијат симптоми и може навреме да ги спречат негативните последици. Идните уреди на „Неуралинк“ би можеле да препознаваат хемиски знаци во мозокот и да спречуваат болести.

Лекување на менталните болести

Уредот на „Неуралинк“ има потенцијал да решава проблеми поврзани со анксиозноста, стравот и депресијата. Еден од членовите на тимот има цел да го отстрани чувството за страв кај себе за да може да ужива во искачувањето на карпи.

Автор: Рем Сегар
Извор: analyticsindiamag.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија