X
 31.10.2024 Живот

Како Антарктикот стана едно од најпосакуваните места за одмор во светот?

Беше светло, сончево попладне во неодамнешната летна сезона на Антарктикот кога бродот „Сибрн пурсјут“ се заби во морскиот мраз во заливот Ханус.

Патниците излегоа на палубите за да видат што се случува. Но, немаше паника и брзање до чамците за спасување како во „Титаник“. Наместо тоа, патниците се симнаа од бродот за да се прошетаат по мразот. Ова не беше случајно, туку планирано искуство, комплетирано со чаши шампањ за да наздрават за нивното пристигнување на Антарктикот.

- По ковид-пандемијата туристите сакаат поавтентични патувања. Повеќе не сакаат да чекаат и се упатуваат кон ваквите дестинации без воопшто да размислуваат - вели туристичкиот агент Сузана Меккурди.


Меѓународната асоцијација на туроператори на Антарктикот (IAATO) го следи бројот на туристи што треба да го посетат белиот континент од раните 90-ти години. Тогаш годишно ги посетувале околу 7.000 луѓе. Но, бројките навистина се зголемија во измината половина деценија. Зимата 2017 година Антарктикот го посетија нешто помалку од 44.000 туристи. Годинава бројката надмина 122.000 посетители.

Пред неколку децении патувањето на Антарктикот значело посета на помали бродови, а голем дел од нив биле сечачи на мраз од Русија, Канада и др. Тоа било сè освен луксузно искуство.

Но, линиите за крстосување „Линдблад“ и „Нешнл џиографик“ се тие што го воведоа патувањето на Антарктикот за повеќе туристи пред околу една деценија.

Загриженост во однос на животната средина

Зголемениот број туристи придонесе некои експерти да алармираат за влијанијата врз животната средина.

Истражување од 2022 година објавено во списанието „Нејчр“ покажа дека снегот на Антаркикот се топи побрзо поради туристичките посети на континентот. Црните саѓи што излегуваат од оџаците на бродовите за крстосување се таложат на мразот и ја привлекуваат сончевата светлина, предизвикувајќи предвремено топење на тони снег. Еколозите велат дека зголеменото човечко присуство на Антарктикот предизвикува зголемување на нивото на јаглерод диоксид во област на планетата која не е навикната на тоа.

 
Операторите на бродовите за крстосување велат дека се свесни за нивното влијание врз животната средина. Патниците добиваат детални инструкции да не носат со себе никаква надворешна храна или други загадувачи кога ќе стигнат на Антарктикот. Ним им е наложено никогаш да не лежат на снегот и да одржуваат растојание од животните за да спречат бактерии и вируси да го заразат дивиот свет.

Земјите што нудат туризам и истражување на Антарктикот го потпишаа она што е познато како Антарктички договор. Во него се вели дека никој не треба да гради постојани објекти во областа за туристичка употреба. Поинаку кажано, на Антарктикот нема хотели. Неодамна, IAATO почна да ја следи потрошувачката на гориво од бродовите во регионот на Антарктикот и некои оператори сега користат електричен погон во обид да ги намалат емисиите на саѓи и CO2.



Операторите сега нудат и нова категорија на патување на Антарктикот - посети само со брод што на патниците им овозможува да го видат Антарктикот без да ја допрат површината.

Извор: CNN
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот