Кога станува збор за мерење на загубата на мраз на половите на Земјата и предвидувањето што може да биде следно, на научниците им се потребни што е можно поточни податоци, а нова студија посочува дека има голем извор на геотермална топлина под источниот дел од Антарктикот кој сè уште не е вклучен во пресметките.
Во оваа област изгледа дека мразот се топи од дното нагоре, покажуваат радарските читања направени од авион кој лета над ледениот континент. Радарот успеал да пенетрира три километри длабоко во мразот за да ги мапира условите под него.
Како што основата на антарктичката ледена покривка се топи, така водата која е резултат на топењето истекува и полни субглацијални езера по течението.
Иако овој процес можеби не е најголемиот придонесувач за загуба на мраз, меѓународниот тим на научници вели дека може да предизвика побрзо топење во иднина.
- Процесот на топење кој го набљудуваме веројатно се одвива во тек на илјадници, а можеби и милиони години и не придонесува директно за промена на ледената покривка. Сепак, во иднина дополнителната вода на дното на ледената прекривка може да го направи овој регион почувствителен на надворешни фактори, како климатските промени - вели главниот истражувач Том Џордан.
Фото: Science Alert
Експертите мислат дека радиоактивните карпи и топлите води што бликаат од Земјината кора придонесуваат за ова дополнително топење, врз основа на набљудувањата направени до 750 километри кон внатрешноста од брегот.
Способноста за мапирање на скриените контури и клучни извори на топлина под ледената покривка е клучно во сфаќањето што ќе се случи со Антарктикот во иднината. Не можеме да бидеме сигурни што го предизвикува топењето, но хипотезата за жешки карпи и загреана вода се чини најверојатна и може да се земе предвид во идните истражувања.
Треба да се напомене дека научниците не сугерираат дека овие извори на топлина одеднаш ќе го претворат Антарктикот во вода за неколку години, туку тие се екстра фактори што треба да ги прифатиме додека ги мериме ефектите на климатските
промени.