X
 31.12.2021 Живот

Пејачката Александра Јанева: Во едно сум сигурна, ќе има многу повеќе музика!

Во едно сум сигурна, ќе има многу повеќе музика затоа што веќе за 2022 имаме резервирани настапи низ цела Македонија. Нова музика значи збогатување на мојот живот со нови радости, но и нови обврски, поголема одговорност и повеќе работа, вака популарната пејачка Александра Јанева ја замислува новата 2022 година

Пред прагот на 2022 година направивме новогодишни разговори со топол чај и вкусни колачиња со неколку наши познати личности. Ги прашавме по што ќе ја паметат годината што изминува и што очекуваат од 2022 година. Овој пат ви го пренесуваме нашиот разговор со шармантната, енергична дама и еден од најдобрите женски вокали на нашата музичка сцена, Александра Јанева.

По што ќе ја паметите 2021 година?

- Настрана од сите рестрикции, периоди на неизвесност и адаптација на новата глобална ситуација, за мене, 2021 година беше изненадувачки убава година. Продуктивна на професионален план, инспиративна и креативна. На приватен план спознав многу повеќе аспекти од мојата личност, созревав низ различни искуства и предизвици и запознав луѓе кои на многу позитивен начин ми го променија животот.



Што очекувате од новата?

- Во едно сум сигурна, ќе има многу повеќе музика, многу повеќе настапи во живо затоа што веќе имаме резервирани настапи за 2022 низ цела Македонија. Нова музика значи збогатување на мојот живот со нови радости, но и нови обврски, поголема одговорност и повеќе работа.

Каде планирате да ја дочекате 2022?

- На микрофон, хаха. Денската журка на 31-ви е веќе резервирана за настап во моето омилено место во Струмица – „Концепт“, а вечерта продолжувам со истата енергија и еуфорија да се забавувам во домашна атмосфера со друштвото.

Дали ги прославувате Божиќ и Бадник?

- Секоја година традиционално за Бадник сум дома, во Струмица, да се радувам на божиќната трпеза. Се крши паричка, се јаде посна храна и секако со полно срце го пречекуваме духот на Бог во нашиот дом. Дома со моите е единственото место каде што сакам да бидам на Бадник. За време на божиќните празници најчесто ги посетувам и моите најблиски роднини и ги сакам тие моменти кога сме сите заедно во еден топол, спокоен амбиент.

За крај, Јанева ни покажа фотографија од тоа како оваа година го декорирала својот дом.



- Новогодишното украсување на домот кај мене секогаш се прави во друштво, со божиќна музика пуштена на цел глас и со многу еуфорија. Сакам голема елка со повеќе масивни украси кои може да бидат во најразлични бои, но светилките преферирам да бидат само бели. Годинава сепак не китев елка, само го декорирав делот под телевизорот и мислам дека изгледа слатко.


Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот