X
 31.12.2022 Живот

Светот во 2022: Жени, живот, слобода

И во 21 век е присутен трендот на ограничување на правата на жените ширум светот. За жал во одредени држави жените се граѓани од втор ред, тие се затворани и убивани само поради изнесен став и „недолична“ облека. Годината што изминува ја одбележа солидарноста помеѓу и со жените во Иран, а 22-годишната Курдка, Махса Амини стана симбол на непокор. Жени, живот, слобода (zan, zendegi, azadi) е слоганот што ги обедини Иранците. Повеќе од два месеца жените во Иран, но и во други држави ги палаеја хиџабите и ја сечеа косата, симбол на гнев и тага. Демонстрациите, што почнаа на 16 септември во Иран поради смртта на Амини, набрзо прераснаа во антивладини протести и ги поттикнаа иранските власти на отстапки односно најавија укинување на полицијата за морал.

Протестите почнаа откако беше обелоденето дека младата Курдка, Амини почина во притвор во Техеран, три дена откако беше приведена од полицијата за морал поради непочитување на строгите исламски закони за облекување на жените. Таа беше уапсена поради неправилно носење на хиџабот односно не и била целосно покриена косата. Според полицијата Амини во притвор паднала во бессознание, а потоа во кома, поради откажување на срцето. Додека на интернет се појави поинаква верзија. По апсењето, главата на Амини била удирана од стакло на полицискиот автомобил, што довело до мозочно крварење. Смртта на Амини предизвика најголеми протести од Иранската револуција бидејќи учествуваа припадници на различни етнички и религиски заедници. На протестите се приклучија и актери, спортисти и други јавни личности.

Седумдесет и четири удари со камшик и 60 дена затвор

Во Иран за жените се пропишани посебни правила, кои ако не се почитуваат следат ригорозни казни. Облекувањето на Иранките е тема од почетокот на 20 век. Хиџабот првпат е укинат во 1936 година за време на владеењето на таткото на модерен Иран, Реза Шах Пахлави. Неговиот син Мохамед Реза Пахлави го продолжува процесот на модернизација на земјата, во 1963 година жените во Иран добиваат исти политички права како и мажите, се отвораат училишта за девојчиња, а на девојките им е овозможено да студираат. За време на неговото владеење усвоен е закон за заштита на семејството, со кој се проширени правата на жените. Со законот беше подигната старосната граница за брак на жените од 13 на 18 години, жените можеа да побараат развод, а исто така беше пропишано мажот да има само една сопруга.

Но, придобивките од така наречената Бела револуција се суспендирани со Исламската револуција. На 8 март 1979 година државното радио објави дека жените вработени во јавниот сектор мора да бидат покриени. Две години подоцна беше воведена обврската жените кога ќе го напуштат домот да носат туники, кои ќе го покријат нивното тело и со марама да ја покријат косата. Кршењето на правилото за облекување на жените стана казниво дело. Иранскиот Парламент во 1983 година донесе одлука жените кои во јавност не ја покриваат косата да бидат казнети со 74 удари со камшик, а потоа законот е надграден и додадена е казна и до 60 дена затвор. Жените не смеат да патуваат без дозвола од сопругот, а исто така повторно е воведена полигамијата. За спроведување на законот задолжени се специјалните полициски единици Гаст-е-Ершад (полиција за морал), формирана за време на мандатот на ултраконзервативниот претседател Махмуд Ахмадинеџад за „да ја шири културата на пристојност и хиџабот“. Полициските сили се состојат од мажи облечени во зелени униформи и жени со хиџаб, а единицата своите први патроли ги почна во 2006 година. Тие можат да ги апсат жените за кои ќе оценат дека се „несоодветно“ облечени.

Можно укинување на полицијата за морал

Демонстрациите во Иран прераснаа во антивладини протести, а иранските власти се обидоа насилно да ги задушат, при што се уапсени околу 18.000 луѓе. Според „Иран хјуман рајтс“ (Iran Human Rights) со седиште во Норвешка за време на протестите загинале 476 луѓе, меѓу кои 34 жени и 64 малолетници на возраст под 18 години. Најголем број на жртви, 130 има во покраината Систан и Балучистан, потоа следи во покраината Западен Азербејџан каде загинаа 55 лица, а во Техеран нивниот број изнесува 52. Според иранските власти загинале најмалку 200 луѓе.

Иранските власти за протестите ги обвинија САД и нивните сојузници, како Велика Британија и Израел, како и курдските групи што егзистираат надвор од Иран. Откако иранските власти не успеаја да го задушат бунтот и под притисок на низа санкции поради репресија и насилно задушување на протестите, главниот ирански обвинител Џафар Монтазери на почетокот од декември најави укинување на полицијата за морал. Тој изјави дека „полицијата за морал нема никаква врска со правосудството и затоа е распуштена, но судството ќе продолжи да се справува со тој општествен предизвик“. Сепак, ултраконзервативниот претседател на Иран, Ебрахим Раиси, повика на мобилизација на „сите институции за зајакнување на законот за носење хиџаб“, бидејќи „непријателите на Иран и исламот сакаат да ги поткопаат културните и верските вредности на општеството со ширење неморал“. Додека ајатолахот Али Хамнеи, кој има големи ингеренции, сè уште не се изјаснил за укинувањето на полицијата за морал.

Најавата според активистите и критичарите на режимот, иако е успех за женското движење во Иран, не значи крај на задолжителното покривање на косата. Дел од нив тврдат дека тоа е само обид за справување со протестите. Според нив можно е Монтазери да мислел на суспендирање на полицијата за морал само во Техеран, а да се засили нејзиното присуство во другите градови. Но, и покрај тоа пркосот продолжува. Иранската шахистка, Сара Кадем, на Светското првенство во брз шах одржано на 28 декември во главниот град на Казахстан, Алмати настапи без хиџаб. Пред неа повеќе спортистки се натпреваруваа без хиџаб. Во октомври иранската алпинистка, Елназ Рекаби, се натпреваруваше во Јужна Кореја без марама, а подоцна изјави дека тоа го направила ненамерно. Во ноември, иранска натпреварувачка во стрелаштво изјави рече дека не забележала оти ѝ паднал хиџабот на церемонијата на доделување награди во Техеран, откако се појави видео на кое се гледа како ја фрла марамата во знак на поддршка на демонстрантите.

Останува отворено прашањето дали Иранките можат да ја победат теократијата во Иран, што би било поттик и за жените во другите муслимански држави.

Марина Илиевска
МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот