X
 01.03.2023 Наука

Патници во туристичка подморница снимиле џиновска медуза во Антарктикот

Во сината и сјајна вода, огромна брановидна маса брзала кон подморницата во која се наоѓале туристи. Станува збор за медуза долга над 9 метри, со четири пипала и глава во форма на купола.

Суштеството ги надминало димензиите на подморницата во која се наоѓале туристите. Оваа неверојатна глетка се случила на длабочина од стотици метри, во близина на брегот на антарктичкиот остров Рона, во јануари 2022 година.

Кога се вратиле на бродот „Вајкинг експедишнс“ и му ги покажале фотографиите на морскиот биолог Даниел М. Мур од Универзитетот во Ексетер, Велика Британија, тој веднаш знаел дека наишле на нешто неверојатно ретко.

Така, овие патници се меѓу ретките што успеале да ја видат џиновската фантомска медуза или „Stygiomedusa gigantea“. До тој момент, ова морско чудовиште претходно било забележано само 126 пати откако видот првпат бил опишан во 1910 година. Дури и научниците од Институт за истражување во заливот Монтереј Беј, кои поминале илјадници часови под вода, успеале да ја сретнат само девет пати. Една недела подоцна, односно кон крајот на јануари 2022 година, друга група туристи ја забележале оваа медуза, а потоа уште една група во средината на март. Така, кон крајот на туристичката сезона, меѓу октомври 2022 и јануари 2023 година, туристичката подморница ја забележала уште седум или осум пати.

- Една од причините за честите средби е тоа што туристичките експедиции на Антарктикот сѐ повеќе им нудат на гостите приватни подморници - објаснува Мур, главниот научник на компанијата „Вајкинг крузес“, која води експедиции на Антарктикот.

- Арктичките води на длабочина под 50 метри сè уште не се добро истражени бидејќи се тешко достапни. Сега, со приватни подморници кои се спуштаат на околу 300 метри, лесно можете да станете „првиот човек што некогаш видел одреден дел од морското дно - додава тој.

Длабокото море и понатаму е енигма

Научниците сè уште не знаат многу за овие џиновски безрбетници, кои живеат во темната и студена зона на поларните океани и ги користат нивните брановидни пипала за да ловат планктони и мали риби.

Едно е сигурно: тие често имаат друштво, а тоа е ситната риба чие латинско име е „Thalassobathia pelagica“. Се претпоставува дека во овој заемно корисен однос рибата добива засолниште и заштита во замена да се грижи за здравјето на медузата така што ги јаде сите паразити што се наоѓаат на неа.

Победа за науката

Приватните подморници се опремени со сонди и софистицирани камери, кои им овозможуваат на гостите да фотографираат и да снимаат видеа.

Парис Стефанудис, морски биолог од Универзитетот во Оксфорд, објаснува дека предноста на овие подморници е што им овозможуваат на луѓето да ја видат околината од прва рака, наместо да гледаат во екран.

Но, ваквото истражување има еден очигледен недостаток - цената. Таквите експедиции чинат десетици илјади долари по човек, што ги прави достапни за многу мала група поединци, вели Стефанудис, кој не бил вклучен во истражувањето.

Вклучувањето на јавноста во вакви проекти има и свои предности, бидејќи на тој начин луѓето стануваат свесни колку се загрозени екосистемите. Сѐ на сѐ, како што заклучува, тоа е победа на науката.


Извор: National Geographic
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука