X
 01.08.2020 Живот

Слично на шведскиот модел: Холандија не им препорачува на граѓаните да носат заштитни маски

Холандската влада нема да им препорача на граѓаните да носат заштитни маски за да се забави ширењето на вирусот, бидејќи смета дека нивната ефикасност не е докажана, а по либералниот однос во борбата со пандемијата, сè повеќе потсетува на Швеѓаните.

Наместо тоа, министерката за здравје Тамара ван Арк вели дека од граѓаните ќе бараат подобро да ги почитуваат мерките на социјална дистанца, бидејќи бројот на заболени е во пораст оваа недела.

- Бидејќи од медицинска перспектива не е докажана ефикасноста на маските, кабинетот одлучи дека носењето немедицински маски нема да биде задолжително - изјави таа по анализата на извештајот на Институтот за јавно здравје.

Оваа одлука се коси со другите европски земји во кои веќе е задолжително носењето маски на затворено, па и на отворено.

Шефот на холандскиот Национален институт за здравје Јоханес Бург, признава дека некои истражувања покажуваат дека маските помагаат во забавувањето на ширењето на вирусот, но дека оваа установа не е убедена дека тоа ќе помогне за време на актуелната епидемија во Холандија. Бург наведува дека неправилното носење маски и непочитувањето на мерките на социјално дистанцирање само би го зголемило ризикот од ширење на вирусот.

Според ново истражување, повеќе од 50 отсто од Холанѓаните сметаат дека маските за лице треба да станат задолжителни на сите јавни простори за да се спречи вториот бран на вирусот.

Расте поддршката за маски

Но, според холандските медиуми, во неделната анкета што ја спровел политичкиот аналитичар Морис де Хонд, 55 отсто од анкетираните Холанѓани сметаат дека маските треба да станат задолжителни и дека би помогнале во борбата против вториот бран. Оваа анкета покажала дека 49 отсто од гласачите на владејачката Народна партија за слобода и демократија, се залагаат за спроведување построги мерки за маските.

Во овој момент, Холандија има 53.963 позитивен случај и 6.147 смртни случаи.

maska
Фото: Freepik

Тешко за оправдување

Таканаречениот шведски модел во управување со коронакризата на почеток го привлече вниманието на цел свет, но со порастот на бројот на смртни случаи насекаде низ светот, беше доведен во прашање, како и неговата оправданост.

И покрај тоа што оваа држава со 568 мртви на милион случаи е меѓу првите шест во светот, шведската влада го брани својот пристап кон пандемијата.

- Трансмисијата на вирусот се намалува, а бројот на пациенти на интензивна нега значително се намалува - вели министерката за надворешни работи Ан Линд на брифингот со дописници од странски медиуми.

Својот максимално опуштен пристап кон пандемијата Шведска може да го правда и со намерата да ја зачува економијата од рецесија, бидејќи во изминатите два месеци повеќе од 76.000 луѓе останале без работа, а се очекува стапката на невработеност од 7,9 отсто да продолжи да расте.

Рано за заклучоци


Противниците на шведскиот модел сега добија силна поддршка од поранешниот водечки епидемиолог во земјата, Аника Линд, која јавно го критикуваше ставот на медицинските власти, велејќи дека треба да се следат другите држави, бидејќи тоа би спасило бројни животи, пред сè најстарите.

Линда била начело на државната епидемиолошка служба од 2005 до 2013 година, кога Шведска успешно ја преброди епидемијата на вирусот САРС и свинскиот грип. Вели дека ја испровоцирале изјавите на шефовите на здравствените агенции дека шведскиот пристап кон Ковид-19 е најдобриот во светот, без оглед на бројот на жртвите.

- Мислам дека вака повеќе не може да се продолжи. Ваквото негирање на реалноста би можело да оневозможи да се однесуваме рационално - наведува Линд.

Но, за шведската влада и понатаму е рано да се носи заклучоци за тоа кој бил успешен во текот на пандемијата.

- Ова не е спринт, туку маратон. Добро е што сите експерти можат да кажат што мислат. Во Шведска постои целосна слобода на говорот - вели министерката за надворешни работи на прашањето како ги коментира изјавите на епидемиологот.

Во вечен карантин

„Карантин“ во кој се наоѓа уште од јапонското ослободување по Втората светска војна, се чини дека во текот на пандемијата, Северна Кореја го користела повеќе од било која друга држава во светот.

Во строго контролирани медиуми во оваа држава немало ниту една вест за пандемијата со која се соочува светот, сè до неодамна кога лидерот Ким Џонг-Ун ненадејно прогласи вонредна состојба и го стави градот Кесонг во карантин. Тоа го направи откако на 19 јули било откриено едно лице со сомнежи дека го има вирусот.

Со тоа беше прогласен првиот случај на зараза во Северна Кореја, додека повеќе од 600.000 луѓе починаа во светот.

Светската здравствена организација потврди дека вкупно 1.211 лица биле тестирани во Северна Кореја од почетокот на пандемијата и дека не бил пронајден ниту еден заразен.

Извор: Nova.rs | Iamexpat.nl
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот