Пандемијата сега влегува во нејзиниот четврти бран. Иако голем дел од земјите низ светот вакцинирале голем дел од населението, делта-сојот предизвикува проблеми на целата планета, при што некои области имаат повеќе заразени од кога било.
Иако овој момент е вознемирувачки, порано или подоцна, делта-сојот ќе помине. Можеби е тешко да се поверува, но тоа е така. Шпанскиот грип од 1918 година за кој немало вакцина, заразил околу една третина од луѓето во светот и на крајот исчезнал по три бранови, иако самиот вирус никогаш не исчезнал целосно - остатоци од неговите гени може да се најдат дури и во денешните соеви на грип.
Она што оди нагоре, на крајот паѓа. Варијантата Б.1.1.7 на вирусот што предизвикува ковид-19 најпрво идентификувана во Обединетото Кралство, сега наречена и алфа-сој, зафати голем дел од населението во САД во текот на зимата пред случаите да почнат да опаѓаат, во голем дел поради вакцините.
Слично на тоа, треба да имаме на ум дека пандемиите мора да завршат некогаш, или поради тоа што општеството успеало ефективно да ги контролира, или затоа што доволен број на население се вакцинирал, или, пак, самиот вирус се претворил во нешто помалку заканувачко, или поради временските услови или некоја друга мистериозна сила.
Она што го покренува следното прашање што се формира во главите на научниците е: што ќе се случи откако делта-сојот ќе заврши со заразување? Дали конечно ќе заврши хоророт? Или ќе има бран од уште еден сој, оној што можеби ќе ги избегне вакцините? Дали пред нас е уште полошо заклучување од она што го доживеавме во 2020 година?
Никој не знае. Никој не може да знае. Иако ќе видиме многу интервјуа и многу статии за она што доаѓа по делта-сојот, никој точно не знае да каже.
Мојата претпоставка е дека делта-сојот ќе продолжи да ги совладува невакцинираните заедници. Во моментов, Мисисипи и Оклахома, и двете држави имаат стапки на вакцинација пониски од националниот просек, имаат незамисливо високи стапки на позитивен тест. Освен тоа, пред почетокот на учебната година сме, кога милиони невакцинирани ученици ќе седнат во клупите, многу без маски и без одржување дистанца. Ова најверојатно ќе доведе до поголемо ширење на вирусот. Овој пораст ќе потрае некое време.
Но, и покрај сето ова, јас сум оптимист. Дури и со упорното ширење на пораките на антиваксерите, државите со висока стапка на вакцинација се извлекоа. Иако постои назадување со делта-сојот, овие држави продолжуваат со релативно нормалното живеење.
Спротивно на тоа, државите со ниски стапки на вакцинација се на многу потежок пат и нема да воспостават рамнотежа со вирусот додека илјадници и илјадници други не се разболат. Оние што ќе преживеат, во комбинација со веќе вакцинираните, на крајот ќе обезбедат колективен имунитет што ќе им овозможи да воспостават нешто што ќе личи на нормалност - иако по огромни загуби на животот, здравјето и ресурсите.
Фото: Freepik
Се разбира, сето ова може да се распадне поради вториот проблем воведен од нашиот лош одговор кон пандемијата. Со одолговлекувањето на времето потребно за контролирање на пандемијата, ние драматично ги зголемуваме можностите за појавување на нови соеви, вклучително и сој што еден ден ќе ја направи вакцината бескорисна. Иако е можно, ова изгледа малку веројатно. Вакцините не се како антибиотици; антибиотиците имаат тенденција или да функционираат или да не функционираат.
Од друга страна, вакцините може да изгубат предност во однос на новите варијанти, но не со истата драматична ненадејност како антибиотиците. Како што покажуваат истражувањата, РНК-вакцините остануваат доста ефикасни, иако мора да се каже помалку против делта-сојот.
Плус, научната заедница веќе долго време има искуство на следење на генетските искривувања на разни вируси и бактерии. Генетскиот состав на грипот е променлив, барајќи нова вакцина секоја година чија цел се четири најверојатни соеви. Пневмокок, најчестата бактериска причина за пневмонија, исто така, може да ги промени серотиповите (слични на соеви), што ги прави прилагодувањата неопходни.
Но, ковид-19 се однесува на начин каков што не сме виделе досега. Со вакцините како и со многу други работи, ковид-19 може да не игра според претходно утврдените правила.
Неизвесна е целата пандемија. Единствено сигурно е ова: светското население на крајот ќе стане имуно на делта-сојот на еден или друг начин (преку вакцина) или на друг начин (преку инфекција, болест и можна смрт). Луѓето можат да одлучуваат помеѓу опциите, но јасна е намерата на вирусот.
Што се однесува до тоа како ќе изгледа светот по делта-сојот, и тоа останува неизвесно. Но, се чини дека ковид е тука за да остане. Слично како и сезонскиот грип, најверојатно ќе имаме појава на коронавирус во наредните години, со добри години и лоши години и подобри и полоши засилувачи на вакцини. И слично како малите сипаници, големата кашлица и други инфекции што може да се спречат, и понатаму ќе има релативно мали групи на луѓе кои претпочитаат да се откажат од вакцините и покрај многуте ризици. Ова, се разбира, тогаш може да го загрози остатокот од населението.
Се чини дека оваа дебата, поттикната во голема мера со дезинформации, ќе продолжи додека јавноста не сфати дека пандемијата е предизвикана од заразна болест, а не политички опортунизам. Со оглед на овој едноставен факт, нема да се запре со закани или протести или говори, туку со вакцинација и други превентивни мерки - исто како и многу заразни болести пред тоа.
Автор: Кент Сепковиц, медицински аналитичар
Извор:
CNN
Фото: Freepik