X
 28.05.2021 Здравје

Дали ќе ни треба трета доза вакцина против ковид-19 следната година?

Вакцинирањето против ковид-19 е во тек во многу земји низ светот. Засега вакцините функционираат, но дали и кога би требало да примиме дополнителна доза за зајакнување на имунитетот?

Многу експерти сметаат дека имунитетот на ковид-19 ќе се намалува со текот на времето, но никој не знае кога, пишува „Хафингтон пост“. Истражувачите засега не знаат ниту колку треба да се намали имунитетот кај луѓето за вакцините да престанат да бидат ефикасни. Истражувањата спроведени досега на вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ покажале дека вакцинираните лица имаат силен имунитет на ковид-19 барем шест месеци по вакцинирањето.

Камерон Вулф, професор по медицина на медицинскиот факултет при Универзитетот „Дјук“, открил за „Хафингтон пост“ дека експертите би можеле да проценат дали ќе ни треба дополнителна доза по одреден период со статистички модели. Освен тоа, податоците што ги споделуваат волонтерите кои учествувале во клиничките испитувања за вакцините може да покажат кога ним ќе им биде потребна нова доза.


Фото: Pixabay

Американскиот центар за контрола и спречување на болести се подготвува за потенцијално производство на дополнителна доза на вакцините против ковид-19. Вулф смета дека тоа веројатно не би се случило годинава, но големи се шансите да има потреба за дополнителна доза во 2022 г.

Од друга страна, главниот извршен директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, изјавил дека некои лица што биле вакцинирани на почетокот можеби ќе треба да се вакцинираат со дополнителна доза оваа есен. Не е јасно колку често би требало да се прима ваква дополнителна доза во иднина.

Антони Фаучи, главниот епидемиолог во САД, изјавил и дека можеби нема да има потреба за дополнителна доза, но сите треба да бидат подготвени за таа можност.


Фото: Pixabay

Конечно, можеби развивањето на пандемијата ќе одреди дали ќе биде потребна дополнителна доза, според Вулф. Доколку се појавуваат нови соеви кои не може да бидат спречени од сегашните вакцини, на луѓето ќе им требаат нови дози кои подобро ќе ги заштитат. Во моментов „Модерна“ работи на тестирање на вакцина која би била поефикасна против јужноафриканскиот сој.

Но, пред сè, треба да се фокусираме на сегашноста и подобро да разбереме како да се вакцинира светското население, заклучил Вулф.

Извор: huffpost.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје