X
 01.04.2026 Живот

„Ние, младите, сами создаваме услови за подобро утре“, вели Ангела Трајчевска, дел од организаторите на трката што ја буди Преспа

Трката ќе се одвива на две патеки - 5 километри Претор - Сливница - Претор и 10 километри Претор - Крани - Претор.

Преспа нуди многу повеќе од плажа, смета 22-годишната Ангела Трајчевска, која е дел од здружението „Преспа хаб“ што во јуни годинава ќе ја организира првата трка покрај Преспанското Езеро. Таа е родена во Претор, туристичко село крај езерото. Поради студиите по пеење, веќе неколку години живее во Скопје, но во себе ги носи спомените и љубовта кон родното место. Како млад човек, заедно со група вљубеници во Преспа одлучи да ѝ ги врати туристите, но на еден поалтернативен начин.



Покрај Преспа, живеењето во град личи на преживување

- Живеењето во мала средина како Претор носеше многу убави нешта, но и свои предизвици. Јас пораснав покрај езеро, па моите лета не беа како летата на секое дете. И тогаш, а и денес, летните денови ги поминуваме на плажа, во природа, се возевме со чамец до островот Голем Град и уживаме во многу други типични активности за луѓе кои живеат помеѓу два национални паркови и покрај езеро. Растењето во таква средина прави подоцнежното живеење во град да изгледа повеќе како преживување - вели Трајчевска.

Таа заедно со брат ѝ Христијан, нејзиниот најдобар другар Стефан и други нивни пријатели ја основа невладината организацијата „Преспа хаб“, која е младо, но амбициозно здружение. Првиот проект преку кој сакаат да поттикнат нова енергија во Преспа е трката „Prespa Run & Fun“ (Преспа трчање и забава).



Урбана трка, но не во град, туку крај езеро

- Со трката сакаме да допреме до повеќе сфери на живеењето. Освен промоцијата на здравиот начин на живот и создавањето на уште едно место за луѓето со добри навики, сакавме да создадеме и нешто поразлично. Место каде што ќе ги споиме спортот, активниот начин на живот и забавата како постулати на доброто живеење. Она што ни е од голема важност е придонесот за локалната заедница и туризмот во Преспа - вели Трајчевска.

Трката ќе има две маршрути. Едната, патека од 5 километри Претор - Сливница - Претор, а втората Претор - Крани - Претор во должина од 10 километри. Ќе биде наменета за секој што сака да трча, од професионални тркачи до рекреативци.



- Да се трча покрај Преспанското Езеро и Галичица, од едната страна, и Баба Планина, од другата, има свои визуелни и здравствени бенефити. Она што е уникатно и единствено за нашата трка е тоа што е урбана трка, но не е во град - нагласува Трајчевска.



Од кајаци до јога

„Преспа хаб“ оживува нова визија за развој на Преспа преку креативни активности и посветеност на младите кои потекнуваат од овој крај. Организацијата е поддржана преку европската програма „ЕУ за Преспа“, која помага проекти за заштита на природата и развој на Регионот.

- За среќа, езерото ни се враќа назад поради обилните дождови. Но, секако се согласувам дека она што може да се прави во Преспа не е само одење на плажа. Дел од активностите што може да се прават како кампување, возење кајаци, СУП-штици, практикување јога во природа, трчање, музика ќе им ги понудиме и на нашиот настан, а планинарењето им го оставаме на нашите другари од Тур де Галичица. Сѐ на сѐ, во Преспа се ужива - вели нашата соговорничка.



Младите да не чекаат други да ги прават промените

Таа студира пеење и се занимава активно со музика, поради што сега живее во Скопје. Но, мечтае за денот кога ќе се врати крај езерото и ќе дејствува оттаму. Верува дека во Преспа може да се живее добро.

- Она што треба да ги натера младите да се враќаат во своите домови е најпрво љубовта кон тоа место. Ги охрабрувам да не чекаат некој да ги направи промените, туку треба сами да ги создаваме условите за подобро утре во малите места и да работиме свесно на децентрализација - вели Трајчевска.

Трката е дел од програмата #euforprespa поддржана од @eudelegationmk, a реализирана од УНДП @undpmk со другите вклучени страни.



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот