Лековите препишани со рецепт може да имаат штетни влијанија врз луѓето кои страдаат од некоја болест. Оние кои се жртви на несаканите ефекти на лековите кои го загрозуваат животот може да станат склони кон злоупотреба на дрога, зависност и смртоносни предозирања. Некои пациенти освен лековите, пробуваат и канабис (или марихуана), кој американската Агенција за храна и лекови (ФДА) не го признава за лек.
Во растението канабис има два главни канабиноиди кои во последните години добиваат големо внимание. Канабидиол (ЦБД) содржи активни состојки од растението, но без делта-9-тетрахидро- канабинол (ТХЦ), канабиноидот кој прави луѓето да „летаат“. Состојките во ЦБД можат значително да ја намалат болката кај пациентите без психоактивните ефекти кои ги создава ТХЦ. ЦБД, исто така, може да се користи за лекување на неколку хронични состојби и може да се најде во форма на храна (колачиња, бонбони), масла, екстракти и друго.
Она што е невообичаено е што постои ендоканабиноиден систем кој лежи во мозокот на цицачот и низ централниот и периферните нервни системи. ЦБД, исто така, може да ја зголеми количината на ендоканабиноиди во вашиот систем. Сѐ уште траат истражувањата на овој систем и на ефектите на медицинскиот канабис.
Еве неколку медицински состојби за кои канабисот можеби може да направи чуда.
Паркинсонова болест
Ова е дегенеративно нарушување кое предизвикува сериозно оштетување на нервниот систем. Пациентите страдаат од забавено сфаќање, како и вкочанетост, која може да доведе до полоши симптоми како предизвици со движењето, ослабување на говорот, па дури и треперење.
Иако резултатите не се конечни, канабисот се покажа како многу ефективен во управувањето со симптомите поради неговите аналгетски ефекти и способноста за релаксирање на мускулите. Олеснувањето на болката, без сомнение, е клучна придобивка. Други придобивки од лекувањето со канабис се намаленото треперење, поквалитетниот сон, подоброто расположжение, зголемената леснотија на движење и стимулиран апетит. Според една студија, објавена во 2014 година, кај 22 учесници со Паркинсонова болест било забележано подобрување во однос на треперењето, сонот и олеснувањето на болката по пушењето канабис. Од друга страна, некои несакани ефекти на лековите препишани за оваа болест вклучуваат несоница, оштетување на црниот дроб и отоци на глуждовите.
Епилепсија
Епилепсијата се карактеризира со периодични напади, кои варираат во интензитет и можат да бидат голема пречка во животот на лицето. Пред медицинската употреба на канабис да биде забранета во 20 век, нападите често биле лекувани со растението поради неговите ефекти. Во последно време, регулативите покажаа поголема попустливост за користењето марихуана. Истражувањата покажаа дека канабиноидите влијаат на клетките во телото наречени канбиноидни рецептори. ЦБД е една од супстанците која може да му влијае на телото на начин на кој се помага намалувањето на нападите. Пациентите почувствувале олеснување од ЦБД, особено оние лица кои претходно не можеле да ги толерираат типичните лекови кои се примаат против напади.
Фото: Listverse
Мултипла склероза
Ова е невродегенеративна болест која го напаѓа централниот нервен систем и може да предизвика болка кај пациентите кои полеха ја губат способноста да ги движат мускулите и екстремитетите. За жал, за оваа состојба сѐ уште нема лек, а за нештата да бидат полоши, лекувањето обично вклучува лекови кои имаат штетни ефекти. Се вели дека канабисот е корисен за пациентите бидејќи ја подобрува функцијата на мозокот и ги ублажува симптомите. Канабиноидите имаат моќно анти-инфламаторно дејство. Смирувањето на имунолошкиот систем со канабис ги потиснува нашадите на централниот нервен систем. Канабиноидите, исто така, ја поттикнуваат неврогенезата и го штитат мозокот. Тие ги релаксираат мускулите и помагаат со депресија поврзана со стрес.
Фото: Listverse
Нарушувања во исхраната
Нарушувањата во исхраната како анорексија и булимија се сериозни болести кои не се доволно сфатени. Пациентите кои страдаат од анорексија или булимија имаат одвбивност кон храна, изгледаат лошо, немаат самодоверба, се плашат да не се здебелат и драстично слабеат. Канабисот поттикнува глад и носи други психолошки приобивки кои го намалуваат претераното размислување. Канабисот се покажа како многу ефикасен во лекување на пациенти кои се соочуваат со траума или анксиозност. Може да делува како подобрувач на расположението.
Фото: Listverse
Шизофренија
Ова е ментално нарушување поради кое луѓето губат допир со реалноста. Тие не можат да функционираат нормално и да разликуваат што е реално, а што не. Користењето на канабис за оваа состојба може да изгледа контроверзно ако не се разбира разликата меѓу ТХЦ и ЦБД. ТХЦ, главната состојка која се наоѓа во марихуаната, може да предизвика психотични реакции и да ја влоши шизофренијата, додека ЦБД има антипсихотски ефекти и прави чуда за пациентите. ЦБД се покажа исто толку ефективен како и антипсихотските лекови без несаканите ефекти како слабеење, зголемен ризик од дијабетес и трајни нарушувања во движењето.
Фото: Listverse
Артритис
Артритисот е болест која е поврзана со постојано воспаление на зглобовите и таа предизвикува хронична болка и вкочанетост во телата на лицата кои боледуваат од неа. По искусувањето на опасни реакции од препорачаните лекови како некои лекови против болка, некои пациенти се осврнаа кон користење на канабис. Сепак, засега има малку податоци за канабисот како лек за артритис.
Фото: Listverse
Други медицински состојби, односно болести за кои канабисот се покажал дека може да ги излечи се посттравматско стресно нарушување (ПТСД), несоница, амиотрофична латерална склероза (АЛС) и
фибромијалгија.