Доаѓаат така времиња кога човек сфаќа дека ја преценил моќта на искуството затоа што кога и тоа ќе помине, остануваат само бледи сеќавања кои немаат моќ да ја обликуваат иднината, да даваат сила во тешките моменти, да ги будат оние силни чувства при сеќавањето на нив. Сите искачувања на врвот тогаш ги гледа од еден друг агол и се прашува зошто го правел тоа, зошто ги остварувал своите соништа кога веќе не може ниту да ужива во сеќавањата на нив.
Доаѓаат така времиња кога на човек му треба мир повеќе од што било друго. Веќе не му е важно да биде во центарот на случувањата, да биде виден, да почувствува дека се зборува за него, било позитивно, било негативно. Не му е повеќе важно да ја има онаа маса луѓе околу себе кои ќе направат добра забава, и во која и тој ќе ужива на некој начин, не му се повеќе важни авантурите кои ќе го исцедат до последната капка адреналин, ниту егзотичните места кои отсекогаш ги сонувал и сакал да ги посети.
Доаѓаат така времиња кога човек повеќе од сè друго има насушна потреба од мир. Доаѓаат времиња кога човек се заморува и од другите луѓе и од случувањата, и сака само да седи на некоја софа, да пие некаков топол пијалок, да гледа некој филм или да чита книга и никој ништо да не го прашува, никој за ништо да не го споменува. Доаѓаат така времиња кога човек не сака веќе никому ништо да докажува, затоа што знае дека тоа нема смисла, знае дека луѓето веруваат само во она што сакаат и како што сакаат.
Доаѓаат така времиња кога човек бара мир повеќе од сè друго, кога веќе не сака да се правда за она што лошо го направил, ниту да се фали за она што добро го завршил, затоа што сфаќа дека тоа воопшто не е важно. Доаѓаат така времиња кога човек престанува да се бори за некакви апстрактни права затоа што сфаќа дека таа борба единствено само му го одзема драгоцениот мир. Веќе му е доста од тие трошки од живот што другите му го нудат, и се решава да го живее својот живот во она негово природно изворно изобилие, а тоа е неговиот мир и спокој.