X
 28.01.2023 Живот

Неверојатно племе од северот на Европа - живеат на -50 степени и годишно поминуваат илјадници километри

Помеѓу Белото Море и полуостровот Тајмир живеат Ненците, племе наречено и Самоједи или Јураки, а нивниот начин на живот е фасцинантен поради неколку причини.

Една од нив е преживувањето во сурова средина, на премногу ниски температури. Освен тоа, ова племе годишно поминува 2.000 километри за да мигрира од летните на зимските пасишта, преместувајќи ги своите живеалишта.

Во зима Ненците живеат јужно од делтата на реката Об, а потоа се преселуваат на север од полуостровот Јамал, каде што им се наоѓаат летните пасишта. Полуостровот Јамал, кој е опкружен со Арктичкиот Океан, на ненетски јазик значи „Работ на светот“, што открива нешто за овој негостопримлив регион каде што температурите паѓаат до -50 степени. Ненците живеат во тој крај повеќе од илјада години, најмногу благодарение на ирвасите кои ги загреваат и им служат за храна.

1
Фото: Wikipedia

Ирвасите како домашни миленици


Интересно е како можат да препознаат одредени животни во стадото, а секое семејство има посебен ирвас кој е ослободен од влечење санки. Тој ирвас служи како домашно милениче кое живее со семејството како куче.

Ирвасите им обезбедуваат сè што им е потребно за да преживеат. Тие ги покриваат своите домови со кожа од ирваси за да се заштитат од студот, а од крзното прават облека - палта, чизми и ќебиња. Од коските се прават јадења и делови за санки, а месото се јаде сирово, варено или замрзнато. Крвта од ирвасите е особено ценета како богат извор на витамини. Освен ирваси, Ненците јадат и замрзната риба.

2
Фото: Wikipedia

Животот во шатор

Нивните домови се шатори направени од коски и кожа чија структура може да се состави и расклопи за помалку од два часа. Благодарение на одличната топлинска изолација, изработена од кожа од ирваси, внатрешноста на шаторот е топла и удобна дури и кога надвор температурата паѓа десетици степени под нулата. Кога им треба вода, жените од племето излегуваат од шаторот со мала санка и лопата. Го чистат снегот и го загреваат во тенџере на оган за да се стопи, а водата ја користат за пиење.

4
Фото: Wikipedia

Нема одмор


Ненците немаат слободни викенди бидејќи грижата за ирвасите и собирањето храна им го окупираат секојдневието. Од работа се одмараат еднаш годишно, кога целата заедница се собира на трки со санки и дружење. Бидејќи снегот на Арктикот се топи побрзо од порано, Ненците мора да ги приспособат своите маршрути според климатските промени за ирвасите да имаат што да јадат. Ирвасите главно се хранат со лишаи кои растат под дебел слој снег, а нивното остро сетило за мирис им овозможува да најдат храна.

Целосна темнина

Племето поминува и долги периоди во целосен мрак - од ноември до јануари кога во најсеверните предели сонцето воопшто не изгрева, што го отежнува преживувањето и на луѓето и на животните. Снежните слоеви се подебели, што значи дека на ирвасите им е потешко да најдат храна, а животот на племето малку го олеснуваат батериските ламби.

Извор: Punkufer.hr
Фотографии: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот