X
 01.06.2019 Живот

Србија воведува евтаназија?

Идниот граѓански законик на Србија ќе го легализира правото на достоинствена смрт, кое, со строго пропишани услови, би го имале заболените од тешки неизлечиви болести, пренесуваат српските медиуми.

По две години расправа, владината комисија за изработка на овој законик одлучила во последната верзија на преднацртот да ја пропише одредбата за можноста заболените од тешки и неизлечиви болести да го завршат животот на достоинствен начин по своја одлука или по согласност од најблиските.

- Право на евтаназија, како право на физичко лице на согласен, доброволен и достоинствен прекин на животот, може да се оствари ако се исполнат пропишаните хумани, психосоцијални и медицински услови. Злоупотребата на правото на евтаназија поради добивање неоснована материјална или друга корист претставува основа за кривична одговорност - се наведува во членот 86 од преднацртот на граѓанскиот законик.

Според Миодраг Орлиќ, кој е на чело на комисијата за изработка на законикот, ако законите гарантираат право на достоинствен живот на човекот, тогаш би требало да овозможат и право на достоинствен завршеток на животот.

- Тешко и неизлечиво болните би имале можност да одлучат за престанок на агонијата и состојбата која е тешко поднослива и предизвикува само маки и сожалување. Комисијата е подготвена да преземе одговорност за ваквиот предлог и очекува дека во јавната расправа ќе има сериозни и силни аргументи за и против евтаназијата - вели Орлиќ.

За легализација на евтаназијата во Србија првпат јавно ќе се расправа следната недела. Новината го привлече вниманието не само на правниците, туку и на лекарите, психолозите и другите експерти.

Правото на евтаназија со децении постои во многу земји од светот, во вид на активна или пасивна евтаназија. Во Европа тоа право е легализирано во Швајцарија, Белгија, Луксембург и во Холандија. Франција кон крајот на 2015 година донесе посебен закон за седација на смртно болните лица. Во Словенија, пак, е покренато потпишување на посебна петиција за воведување на ова право во правниот систем.

Во поголем број држави во САД и во Австралија ова право се применува со години. Канада ја одобри евтаназијата во 2015 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот