X
 10.02.2023 Економија

Во Србија покрената иницијатива бакшишот да влезе во фискалната сметка како посебна ставка

Здружението на хотелиери и угостители на Србија ХОРЕС покрена иницијатива за воведување на бакшишот во фискалните сметки како посебна ставка. Се предлага бакшишот да не се оданочува до одредена сума и тие пари да се користат за стимулација на вработените.

Предлог е бакшишот да не се третира како дел од платата, туку како дополнителна сума која вработените би ја добивале покрај платата, изјави директорот на ХОРЕС, Георги Генов. Во моментот бакшишот во сметката се третира како цена на услугата и за него се плаќа 20 отсто данок на додадена вредност (ДДВ) и поврзани даноци и придонеси. Според предлогот, бакшишот не би се оданочувал до 10 отсто од износот од сметката.

- Околу 90 отсто од гостите сега ја плаќаат сметката со картичка, а во тој случај, ако бакшишот е вклучен во таа сума, се плаќаат ДДВ и даноци и придонеси бидејќи тоа се третира како услуга, а не како бакшиш за добро извршената услуга - изјавил Генов.

Затоа, околу 60 отсто од бакшишот кој се плаќа преку картичка во Србија се даночи, а на келнерот му остануваат околу 30 отсто од него. Со воведувањето на бакшишот во фискалната сметка како посебна ставка која не се даночи би биле наградени келнерите и другите вработени, што ќе го запре одливот на работна сила.

Генов посочува дека со промената, бакшишот не би бил задолжителен, туку доброволен како и досега. ХОРЕС планира да ја обликува и освои иницијативата која потоа ќе биде доставена до надлежните министерства и Стопанската комора на Србија со цел да се дефинира предлогот за измена на закони кои ќе ја овозможат промената.

Извор: Capital
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија