Кои се најпривлечните дестинации за милионерите и милијардерите?
Денес најбогатите градови во светот се финансиски и технолошки центри и привлекуваат многу богати луѓе.
На прикажаниот графикон подолу може да се видат најбогатите градови според бројот на милионери и милијардери, врз основа на податоците од годишниот извештај за најбогатите градови на „Хенли енд партнерс“.
Со 340.000 милионери и 58 милијардери, Њујорк е најбогатата метропола во светот. Во периодот меѓу 2012 и 2022 година бројот на лица со големо богатство се зголемил за 40 отсто. Богатството на њујорчаните е околу 3 трилиони долари, што е повеќе од БДП на Канада.
На второто место е Токио, каде што живеат 290.300 милионери и 14 милијардери. Речиси петтина од милионерите во Јапонија живеат во Токио.
Со една од најбрзо растечките популации на милионери, Заливската област на Сан Франциско се најде на третото место на листата. Благодарение на технолошкиот бум во текот на последната деценија, бројот на милионери (285.000) во оваа област се зголемил за 68 отсто од 2012 година. Дополнително, технолошкиот центар е дом на повеќе милијардери отколку кој било друг град во светот (вкупно 63).
Од европските градови, највисоко котира Лондон со 258.000 милионери и 36 милијардери.
Од Балканот, на
листата се најде само Атина, Грција, со 23.100 милионери и двајца милијардери.
Фото: Visual Capitalist
Каде живеат најбогатите?
Додека Илон Маск, најбогатиот човек на светот, претходно живееше во Калифорнија, сега живее во Бока Чика, Тексас, во дом помал од 40 квадрати. Наводно, тој гради стаклен дом во близина на седиштето на „Тесла“ во Остин, за кој се зборува дека е наречен „Проект 42“. Маск купи и илјадници акри земјиште надвор од Остин, кое ќе биде наменето за вработените во неговите компании. Планираниот град, кој е во изградба, има модуларни домови, надворешна фитенс-сала и базен.
Вториот најбогат човек, Џеф Безос, поседува пет апартмани во Њујорк со вкупна вредност од 119 милиони долари. Иако во последните три децении тој живееше во Сиетл, се пресели во населбата наречена „Милијардерски бункер“ во Мајами.
Третиот најбогат човек на планетата, Бернар Арно, наводно поседува резиденција во Париз и имот во Беверли Хилс вреден 84 милиони долари.
Насловна фотографија: Freepik