X
 31.01.2018 Живот

Quo Vadis, тутуне!?

Во тутунската индустрија веќе извесно време се одигрува позиционирање на производителите во сегментот на иднината – т.н. производи од новата генерација. Тутунските гиганти инвестираат милијарди долари во развој и пласман на производи што треба да бидат алтернатива на традиционалните цигари, поради сѐ поголемото стигматизирање и ограничување на тутунот.



Во масата производи од новата генерација се издвојуваат две групи: едната е алтернатива во која има тутун, но тој се загрева наместо да гори, како кај традиционалните цигари, и содржи никотин, а другата алтернатива се т.н. електронски цигари, во кои нема тутун, а може, но и не мора да има никотин и кои се базираат на течност.

Е, главната „закачка“ во нивното актуелно позиционирање е кој од нив пред регулаторите ќе докаже дека е помалку штетен од традиционалните цигари. Тоа не само што ќе влијае врз нивниот успех кај оние што сакаат „поздраво“ да пушат, туку и, при решавањето на државите кој од нив нема да подлежи на постојните и сѐ поостри ограничувања – дали ќе можат да се рекламираат, дали мора да ги „лепат“ оние страшни сликички на пакувањата, каде ќе можат да се користат, дали ќе може да тврдат дека се помалку штетни итн.

Токму во моментов таква „жива“ дебата се води кај здравствените власти и кај регулаторите во САД. Секој што слушнал за Агенцијата за храна и лекови на САД (FDA) знае дека таа е најреферентната и најавторитетна институција во светот за вакви прашања. Регулаторите од други земји, па и од Македонија, најчесто едноставно ги користат, па и пресликуваат нивните решенија кога ги пишуваат законите.

Научниот советодавен комитет на оваа агенција деновиве со 8:0 и еден воздржан ѝ препорача на FDA да не му дозволи на „Филип Морис“ да тврди дека неговиот уред кој го загрева тутунот е помалку штетен од традиционалните цигари. Во поширок текст, Ројтерс известува дека компанијата не успеала да им покаже на научниците од комитетот дека користењето на овој производ го намалува ризикот од заболувања поврзани со тутунот. Сепак, препораката не е обврзувачка и Агенцијата сѐ уште може да дозволи користење на овие тврдења во маркетиншки цели. Овој производ засега чека и одлука за дозвола да се продава во САД.

Истовремено, амeриканската институција Национални академии за наука, инженерство и медицина, деновиве издаде збирна студија за последиците врз јавното здравје во САД од е-цигарите. Во сижето овој своевиден труст на експерти од областа заклучува дека е-цигарите содржат помалку по број и пониски нивоа на повеќето токсични материи отколку чадот од запаливи цигари од тутун, дека тие се најверојатно многу помалку штетни од традиционалните цигари и дека би можеле да го зголемат бројот на возрасните што се откажуваат од цигарите со тутун. Сепак, поради краткорочноста на постојните истражувања, апсолутните ризици на овие производи за јавното здравство не можат да бидат недвосмилено утврдени во овој момент, велат научниците автори на оваа збирна студија.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот