X
 25.09.2023 Здравје

Обединетото Кралство размислува да ги забрани цигарите за следната генерација

Британскиот премиер Риши Сунак размислува да воведе строги мерки против пушењето со кои ефикасно ќе ѝ се забрани на следната генерација да купува цигари, според сознанија на локални медиуми.

Извори откриле дека премиерот размислува за мерки слични на оние што ги воведе Нов Зеланд минатиот декември. Тие вклучуваат трајно подигнување на законската возраст за пушење, така што тутунот никогаш нема да му се продава на некој роден по 1 јануари 2009 година.

Се претпоставува и дека ќе има казни од 10 фунти за лицата што ќе пропуштат закажан медицински преглед. Идејата ја најави премиерот за време на неговата кампања во 2022 година, но се чини дека беше напуштена кога тој ја презеде функцијата минатата есен.

Политиката на забрани за пушење во стилот на Нов Зеланд би значела целосен крај на цигарите за следната генерација. За време на мандатот на поранешната премиерка Џасинда Ардерн, Нов Зеланд донесе закони за намалување на содржината на никотин во тутунските производи, а цигарите може да се продаваат само во специјализирани продавници.

Политиките што се разгледуваат во Обединетото Кралство се дел од нова кампања на тимот на Сунак насочена кон потрошувачите. Оваа недела премиерот беше критикуван од повеќе страни за напуштање на целта на сопствената партија за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје