„Стоматологијата во Македонија располага со квалитетни кадри и голем потенцијал, но секогаш има простор за напредок“, вели Александра Кадрова, која беше прогласена за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Александра е најдобра студентка на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Ја избрала стоматологијата затоа што претставува совршен спој на медицината, науката, прецизноста и уметноста.
- Да се биде меѓу најдобрите студенти во Македонија е голема чест, но и голема одговорност. Овој успех е резултат на многу труд, посветеност и истрајност. За мене, ова признание претставува потврда дека трудот, дисциплината и посветеноста што ги вложував низ годините се препознаени и вреднувани. Овој успех ме мотивира уште повеќе да продолжам да работам на себе и да ги надградувам моите знаења и вештини - вели Александра за Факултети.мк.
Љубовта кон стоматологијата ја развила уште од најрана возраст. Нејзината мајка е орален хирург и благодарение на тоа што растела во таква средина, секојдневно имала можност да учи.
- Мајка ми е орален хирург и практично растев во таква средина, каде што секојдневно имав можност да ја гледам нејзината посветеност кон пациентите и убавината на оваа професија. Тоа секако влијаеше врз мене и ми помогна подобро да ја запознам стоматологијата уште пред да почнам да размислувам за избор на факултет. Сепак, иако семејството имаше значајна улога, одлуката беше пред сè моја. Ме привлече можноста преку своето знаење и работа директно да им помагам на луѓето, да им ги подобрам здравјето и самодовербата - открива Кадрова.
Вели дека студиите по стоматологија се предизвик сами по себе бидејќи бараат истовремено совладување на обемно теоретско знаење и развивање практични вештини.
- Најтешки беа периодите кога требаше да се усогласи подготовката за испити со клиничката работа и практичната настава, што бараше добра организација, дисциплина и посветеност. Најголем интерес ми побудија оралната хирургија, ортодонцијата и протетиката. Секоја од овие области има свои карактеристики и предизвици, но заедничко им е тоа што овозможуваат директно да се подобрат здравјето, функцијата и квалитетот на животот на пациентите - вели Александра.
Нејзиното искуство со тимот на професори е позитивно затоа што голем дел од нив биле посветени и достапни за студентите, подготвени да помогнат кога студентот покажува интерес за учење.
- Покрај формалната настава, многу значи кога професорот ќе го сподели своето практично искуство и ќе ве мотивира да размислувате како иден здравствен работник - додава таа.
Александра во моментов работи во сопствената приватна ординација, каде што, како што вели, секој ден ѝ носи ново искуство и нов предизвик.
- Тоа е највредниот дел од процесот на учење бидејќи преку директна работа со пациенти најмногу се гради самодоверба, прецизност и вистинско професионално знаење. Иако студиите ми се завршени, за мене учењето не застанува тука. Напротив, ова е само почеток на една подолга професионална приказна. Во иднина планирам да запишам специјализација и да продолжам со континуирани едукации и курсеви бидејќи сметам дека во стоматологијата е неопходно постојаното надградување ако сакаш да бидеш навистина добар во она што го работиш - потенцира младата лекарка.
Александра смета дека треба повеќе да се вложува во превенцијата и едукацијата на населението бидејќи оралното здравје е неразделен дел од општото здравје.
- Најважен е човечкиот пристап. Односот меѓу стоматологот и пациентот треба да биде заснован на доверба, јасна комуникација и разбирање. Кога пациентот се чувствува сигурно и информирано, целиот процес на лекување добива друга димензија. Верувам дека токму тука лежи клучот за понапредна и поблиска стоматологија до граѓаните - вели Александра.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.