Американскиот сенатор Берни Сандерс, познат по својата прогресивно левичарска политика, ја искритикува работата на „Амазон“, „Валмарт“ и на другите големи американски компании кои, како што вели тој, не им плаќаат доволно на своите вработени за да можат да живеат од тоа.
Сандерс предлага да се воведе посебен закон според кој големите компании како „Амазон“ би требало да плаќаат данок со кој би се покрил трошокот за државна помош што ја примаат нивните вработени бидејќи нивните плати не ги покриваат трошоците за живот. Неговата идеја е со ваква законска рамка да се поттикнат големите работодавци на своите вработени да им даваат поголеми плати со кои тие би можеле да бидат финансиски самостојни. Според овој демократ, кога работодавците би исплаќале доволно високи плати, годишно би се заштедувале 150 милијарди долари.
- Господинот Безос продолжува да им плаќа на своите работници толку малку што тие се присилени да зависат од државна помош која ја финансираат даночните обврзници, како што се бонови за храна, здравствено осигурување и субвенционирано сместување само за да преживеат - истакна сенаторот.
Тој додаде дека смета дека е срамно најбогатиот човек на светот дневно да заработува 260 милиони долари, додека медијалната годишна плата на вработените во „Амазон“ е 28.446 долари. Тоа, според него, е значително под медијалната плата во САД.
Сенаторот на „Твитер“ напиша дека никој што работи за најбогатиот човек на светот не би требало да зависи од бонови за храна и дека никој што работи за човек кој дневно заработува 260 милиони долари не би требало да биде принуден да спие во својот автомобил.
- Сепак, тоа се случува во „Амазон“ - пишува тој.
Од друга страна, „Амазон“ одлучно го отфрла обвинението на Сандерс и порачува дека платите на вработените се конкурентни на пазарот и дека им исплаќаат и многубројни бонуси, додека за објавите на Сандерс од компанијата рекоа дека се неточни. Исто така, ги негираа тврдењата на Сандерс за користењето бонови за храна, објаснувајќи дека тоа се однесува само на оние работници што во „Амазон“ работеле многу кратко и/или одлучиле да работат нецелосно работно време.
Бидејќи Сандерс во своите обвиненија спомена и дека магацините на „Амазон“ се на листата со едни од најнесигурните места за работа во САД, од компанијата го повикаа да оди на обиколка во некој од нивните оперативни центри и од прва рака да се увери какви се тамошните работни
услови.