X
 04.05.2018 Економија

За 10-ина години во Полска слободно ќе биде секое петто работно место

Седејќи зад воланот на својот „мерцедес“, еден полски претприемач го гледа автобусот пред себе. На возилото може да се види оглас за вработување: „Градежници, заварувачи: работници од Украина и од Бангладеш“. Тој води логистичка компанија во Варшава и вели дека вработува главно Украинци, а понекогаш и Белоруси.

- Веќе практично немаме Полјаци во компанијата. Сите работат во Германија или во Британија - истакнува претприемачот, кој сака да остане анонимен.

Демографите сметаат дека иселувањето на Полјаците само ќе се зголеми, што претставува закана за континуираниот раст на полската економија по падот на комунизмот во 1989 година. Ако на тоа што не се раѓаат толку многу бебиња се додаде и егзодусот на квалификувани работници во Западна Европа, каде што платите се повисоки, може да се сфати дека на земјата ѝ се заканува недостиг на работна сила.

Според официјалните прогнози, во Полска до 2030 година слободно ќе биде секое петто работно место. На полската економија ќе ѝ бидат потребни 20 милиони работници, а во работната сила ќе има 16 милиони.

Единствено на земјоделскиот сектор не му недостигаат работници, кои работат на милиони мали имоти што се помногубројни отколку во Франција и во Германија. Но, префрлањето на дел од тие луѓе во другите сектори нема да биде доволно за да се ублажи проблемот со недостигот на работна сила. Не може да се реши ни со вработување на невработените. Минатиот месец стапката изнесуваше 6,6 отсто, а поттикнувањето на повозрасните работници да останат на работа откако ќе стасаат до возраст за пензионирање не е решение за сите работни места.


Фото: Pixabay

Според заменик-претседателот на полскиот синдикат на градежници, Рафал Балдис Рембовски, во градежништвото веќе недостигаат 100.000 луѓе. Најголемата градежна компанија во земјата, „Будимекс“, бара уште илјада работници.

- Во компанијата имаме недостиг од работна сила, но имаат и нашите производители, кои исто така се жалат. Ни недостигаат практично секаков профил на работници: ѕидари, столари, возачи, монтери, плочкари, работници на мешалки... - истакна портпаролот на компанијата, Крзисзтоф Козиол, кој додава дека нема и инженери и надзорници.

Покрај неодамна усвоените закони според кои продавниците треба да бидат затворени во недела, големите синџири супермаркети не морале да отпуштаат работници.

- Всушност, тешко наоѓаме работници - вели еден челник на супермаркети.

Полска, која ги затвори вратите за бегалците поради безбедносни причини, мора да ја преиспита својата имигрантска политика, смета министерот за развој Јерзи Квиецињски.

- На нашата економија веќе ѝ требаат странски работници, а во иднина ќе ни требаат уште повеќе - истакна тој минатиот месец откако владата ги објави плановите за приспособување на полската имигрантска политика на потребите на пазарот на трудот преку поттикнување да се примаат работници во секторите каде што има потреба.

Планот предвидува и мерки за одвраќање на Полјаците од селење во странство и поттикнување на оние што веќе заминале да се вратат дома и со себе да ја донесат и работата.

Владата, исто така, сака да им олесни на странците да дојдат во Полска и да студираат предмети што се клучни за економијата.

Полска веќе со години привлекува работници од странство, дури и без тие планирани поттикнувања. Тоа се воглавно Украинци, кои често одат без работни дозволи или визи поради што, според постоечките закони, мораат да се враќаат дома на секои три месеци. Оне кои работат на црно, пак, се под ризик да бидат казнети.

Централната банка проценува дека во Полска во моментов работат еден милион Украинци и очекува тој број да се зголеми за речиси една третина во текот на следните години. Официјални работни дозволи минатата година добиле само 235.000 странци.

-Ние Украинците доаѓаме во Полска за да заработиме. Тоа е единствената причина. Мојата месечна пензија во Украина е 43 евра. Тука тоа го заработувам за еден ден. А цените во Украина не се многу поразлични од оние во Полска - вели Марија Андрејкив, пензионерка која чисти куќи во Варшава.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија