X
 01.11.2017 Живот

Силни, трпеливи, пожртвувани: жени кои своите мажи ги направиле познати

Зад секој успешен маж стои успешна жена, барем така велат. Којзнае каква судбина би имале големите музичари, уметници, писатели и филмски автори да не биле нивните мудри, трпеливи и грижливи жени кои својата љубов несебично им ја подарувале.

Екстремно талентираните и вонредни уметници често имале и непријатен темперамент, како и посебен начин на живот што требало да се издржи. Но, тие сепак биле таму и затоа треба да им оддадеме почест за сè што поминале и доживеале.

Гала

Сега легендарната Гала некогаш се викала Елена Диаконов, што е типично руско име. Велат дека Гала била таа што прва го забележала генијот во шпанскиот уметник Салвадор Дали. Кога се запознале, Дали страдал од анксиозност, гонет од своите демони. Тоа што не го препознавале, го туркало во депресија. Гала станала негова прва сопруга, муза, модел, мајка, личен асистент. Се грижела и за неговата кариера, а организирала и изложби и пронаоѓала нови клиенти. Со неа, Дали постепено се излекувал и пронашол нова жед за живот. Оттогаш, секое дело што го создал го потпишувал со „Гала-Салвадор Дали“. Секогаш велел дека станал вистински уметник благодарение на Гала.

Мерседес Барча Пардо

Габриел Гарсија Маркес ја сретнал својата идна сопруга на подиум за танцување кога имала само 13 години. И покрај нејзината возраст, веднаш ја запросил. Иако таа се согласила, морала прво да го заврши училиштето. Се венчале 13 години подоцна.

Мерседес секогаш била покрај својот „сакан Габи“. Кога работел на, сега популарната книга „Сто години самотија“, нивните семејства останале без пари. Таа била хранител на семејството, го поддржувала својот сопруг, охрабрувајќи го да продолжи со пишување. По 18 месеци книгата била завршена, но Маркес немал пари да испрати копија до уредникот. За да го поддржи својот сопруг, Мерседес ги продала својот фен за коса и дробилката за храна. Набрзо Маркес освоил светско признание и добил Нобелова награда за книжевност.

Јоко Оно

Фановите на „Битлси“ често ја сметаат за виновна за распаѓањето на славната група, но тешкотиите во соработката станале очигледни и пред Џон Ленон да ја запознае Јоко.

Јоко го запозна младиот Ленон со магичниот и непознат свет на креативноста: авангардни сликари, книжевноста и екстравагантните перформанси. Благодарение на Јоко, Џон Ленон го лансирал својот соло-албум, а насловната песна „Imagine“ станала интернационална химна на хипиците. Еднаш Ленон истакнал дека само со неа бил вистински среќен и дека тој и Јоко имале една душа и две тела.

Џулиета Масина

Бракот на Федерико Фелини и Џулиета Масина траел 50 години и еден ден. Големиот филмски автор и талентираната актерка биле многу различни: тој сакал да дивее и ги сакал жените; таа, сосема спротивното, му била верна и предана на својот сопруг. Не можеле да поднесат да бидат разделени. Кога Џулиета не била на сет со Фелини, знаел да стане хистеричен и ја барал за совет околу секој детаљ. Таа му ги средувала сценаријата и држела аудиции. Иако била одлична во неговите филмови „La Strada“ и „Nights of Cabiria“, избрала да ја жртвува својата филмска кариера и да му се посвети на својот брилијантен сопруг.

Софија Толстој

Еден од најголемите, ако не и најголемиот руски книжевник - Лев Толстој поминал речиси половина век со својата муза и сопруга Софија. Таа била неговиот повеќекратен ангел-заштитник. Била негов личен асистент, менаџер, негувателка и издавач. Го препишувала прочуеното дело „Војна и мир“ за да имаат копии и го уредувала ракописот дури седум пати од почеток до крај. Кога нејзиниот сопруг починал во 1910 година, станала чувар на неговото креативно наследство. Таа храбро стоела покрај сите екстравагантни необичности на својот сопруг, дури и кога заминал од овој свет.

Уна О'Нил

„Тој од мене направи зрела жена, а јас го одржував млад“, рекла Уна О'Нил за Чарли Чаплин. Таа го запознала кога имала само 17 години, кога требало да игра една улога. Тогаш тој веќе бил познат комичар и имал 54 години! Уна и нејзиниот татко ја прекинале комуникацијата бидејќи тој се противел на нивната врска поради големата разлика во годините.

Уна и Чаплин биле во брак над три децении и имале осум деца – пет ќерки и три сина и останале заедно сè до неговата смрт во 1977 година. О'Нил се откажала од кариерата и станала посветена сопруга и мајка. Таа била единствената муза во животот на актерот кој усреќил многумина.

Клементина Черчил

Британскиот премиер, офицер на британската војска, бескомпромисниот политичар и државник на Англија – Винстон Черчил, покрај својата сакана Клементина станувал нежно и наивно момче. Таа била негов верен пријател и сојузник.

Клементина била силна и самоуверена жена, која одбивала да живее во сенка на својот познат сопруг. Наместо тоа, двојката стигнала до својата љубовна формула. Комуницирале преку писма и честитки, во кои меѓусебно се нарекувале со имињата на своите миленичиња. Тој бил нејзиното „прасе“, а таа неговата „мачка“. Изгледа дека Климентина ја знаела тајната како да се одржи романсата во живот, дури и по 57 години брак.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот