X
 01.12.2018 Наука

Струењето на морето во Северен Атлантик е најслабо во последните 1.500 години

Научници открија дека струењето на морето во северниот дел од Атлантскиот Океан е драматично ослабено. Студијата покажува дека јачината на струјата е на најниско ниво во последните 1.500 години и дека за тоа треба да се обвинат климатските промени. Предупредуваат дека ослабените струи ќе имаат длабоко влијание врз климата во северните делови на Америка и Европа.

Научниците ја проучувале северноатлантската меридијанска превртувачка струја. Струјата носи топла површинска вода кон Арктикот, а длабока ладна вода кон екваторот.

Истражувањето го воделе Кристел Нот и Бенуа Тибодо од универзитетот во Хонгконг. Се смета дека оваа појава е директна последица на глобалното затоплување и е поврзана со топењето на грендландската ледена покривка.

Послабата циркулација во Северен Атлантик може да доведе до длабоки промени на двете копна, но и промени на летните монсунски дождови на африканско и азиско подрачје.

Струјата има важна улога во регулацијата на глобалната клима, а научниците се трудат да најдат сигурни показатели за нејзината јачина во минатото. Откривањето на нова, послаба јачина на струјата ќе го подобри нашето разбирање и ќе ни помогне подобро да ја сфатиме потенцијалната идна промена под влијание на глобалното затоплување. Истражувачкиот тим исто така утврдил дека имало послабо струење и меѓу 1600 и 1850 година, кој го нарекуваме период на мала ледена доба.

Малата ледена доба била во периодот меѓу 1300 и 1850 година. Постоеле две фази. Првата почнала во 1290 година и траела до 1400 година. Потоа настапува малку потопол период во 1500 години, по кој состојбата значително се влошила, а најстудениот период е меѓу 1645 и 1715 година.

Фото: Wikipedia

Во текот на малата ледена доба постојат индикации дека просечните зимски температури во Европа и во Северна Америка биле за два степена пониски од денешните. Балтичкото Море замрзнувало, како и многу реки и езера во Европа. Зимите биле многу студени, летата свежи и дождливи. Ваквите временски услови довеле до пад на приносот на посевите, глад и пад на бројот на населението поради сиромаштија и глад.

Иако ова не се прогласува за тренд на 20 век, утврдениот сигнал би можел да потврди дека тој период се карактеризирал со послабо струење на океаните, што го намалува трансферот на топлина кон Европа, придонесувајќи за пониски температури.

За процена на температурата во минатото научниците користеле микрофосили најдени во седиментно јадро.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука