Климатските промени предизвикуваат сѐ поголеми и почести катастрофи со несогледливи последици. Бидејќи јаглеродниот диоксид (CO2) е многу стабилен гас кој трае стотици години, а големи количества се веќе испуштени во атмосферата во минатите 200 години, следните генерации ќе се соочуваат со голем број екстремни временски појави.
Кој е виновен за настанувањето на оваа состојба?
Одговорот може да се најде на сликата подолу каде што е прикажан дијаграм со кумулативни количества на CO2. Може да се види дека земјите од ЕУ емитирале најмногу CO2 во последните 200 години, а на второ место се САД.
Значи, големите количества емисии на CO2 се резултат на работата на индустриите во текот на последните 200 години од мал број богати држави (Англија, Германија, Франција, САД, Канада итн.). Оваа очигледна констатација придонесе да се донесе одлука со Парискиот договор секоја година на земјите во развој да им се доделува помош од 100 милијарди долари, но тоа не се остварува целосно. Од катастрофите предизвикани од климатските промени (урагани, поплави или суши, топлински бранови и др.) најчесто се погодени сиромашните и маргинализирани заедници кои сносат мала одговорност за климатските промени.
Поголемиот дел од светот живее во капиталистичко општествено уредување засновано на пазарна економија, а главната цел е зголемување на профитот. За тоа е потребен постојан економски раст, што значи и раст на потрошувачката на енергија. Повисокиот профит води до повисок животен стандард, при што луѓето трошат уште повеќе енергија. Меѓутоа, големото производство и потрошувачка на енергија се главните фактори за глобалното затоплување на Земјата, односно климатските промени. Значи, во основа постои контрадикција помеѓу капитализмот и животната средина; остварувањето профит и прашањето за климатските промени по својата природа се големи „непријатели“. Може ли да се најде некаков компромис? Одговорот е: мора. Ова прашање бара длабока анализа бидејќи општественото уредување не се менува така лесно; никој не сака да се откаже од своите стекнати привилегирани статуси.
За да се постигне целта на Парискиот договор (ограничување на глобалното загревање до 1,5°C), треба да се дојде до нето нула емисии на CO2 на глобално ниво во 2050 година и истовремено длабоко намалување на емисиите на другите стакленички гасови, особено на метанот. Дали е тоа можно? Теоретски да, но во практика тоа ќе биде многу тешко да се постигне, особено во енергетскиот сектор. Очигледно е дека се потребни големи инвестиции за подобрување на состојбите во енергетскиот сектор, пред сѐ, инвестиции во обновливите извори на енергија и во подобрување на енергетската ефикасност на зградите и системите за греење, како и во индустриските процеси. За побогатите (развиените) земји е полесно да ги обезбедат тие инвестиции, но за земјите во развој тоа е поголем товар поради помалиот економски потенцијал, па затоа им е потребна финансиска помош. Тоа е предвидено во договорот од Париз да се одвива преку некои финансиски механизми кои сѐ уште не се конечно утврдени. Финансиските механизми веројатно ќе се засноваат на тргување со емисиите на стакленички гасови, а таму каде што има трговија, има интерес за профит и повторно конфликт на интереси бидејќи профитот и екологијата навистина не се компатибилни.
Колку е комплексна проблематиката со климатските промени и последиците од нив ќе прочитате во следно продолжение (3 дел) што ќе биде објавено за неколку дена.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје