X
 02.01.2021 Живот

Ѕирнете во неверојатниот шведски хотел од снег и мраз

- Ако е навистина студено кога сум на работа (под -30 степени), свесен сум дека морам да ги заштитам моите екстремитети - вели Лука Ронкорони, креативен директор на славниот хотел од мраз во Шведска.

Тој е еден од најдобрите светски скулптори на мраз, и открива што се случува зад сцената на шведскиот хотел, од неговата база во ледената дивина на Јукаскајрви.

- Мојата работна облека вклучува два пара волнени чорапи, зимски чизми со дебел ѓон, волнена долна облека, ракавици и шал што ми ги покрива вратот и носот. Над сето тоа, носам и капа за да не бега топлината од телото - вели тој.

Лука потекнува од Италија, а сосема случајно станал дел од светот на мразот, пред да ги заврши студиите по архитектура. Неговиот кариерен пат доживеал пресврт во 1995 година кога отишол во Норвешка како студент на размена и одлучил да остане таму откако се заљубил во снежниот пејзаж.


Откако првпат пробал да создаде скулптури од мраз во Финсе, далечно село помеѓу Берген и Осло, тој се опседнал со ова хоби. Во 2001 година успеал да добие пракса во хотелот од мраз и до 2019 година бил назначен за негов креативен директор.

Низ годините тој создал низа импресивни ледени структури низ целиот свет.

- Најважно е да се чувствуваме пријатно на студот. Но, над сè, мислам дека од суштинско значење е да се има желба да се научи и да се има време за вежбање, вежбање и вежбање. Нема училишта за ова, најдоброто нешто што треба да го направите е да научите преку соработка со поискусна личност - вели тој.

Лука многу вежбал. Проектот почнал во 1989 година како прв и најголем хотел во светот направен од мраз и снег. Пред пандемијата, хотелот имал од 50.000 до 60.000 посетители годишно; собите се издаваат почнувајќи од 500 фунти и достигнуваат до 1.030 фунти за луксузен апартман, кој има и топла бања, сауна и када.


За изградба на овој хотел, потребни се околу 900 тони мраз што се собираат од блиската река Торне напролет секоја година, со помош на специјализирана машинерија за сечење и подигнување на секој од огромните блокови.

- Реката ни дава вакви неверојатни материјали за градење - вели Ронокорни.

Постојат два дела од хотелот на мраз. Едната половина, позната како „365“, има 20 соби. Останува недопрена цела година благодарение на фрижидерите напојувани од соларни панели. Другата половина, оригиналниот дел и оној што може да се види, е „поп-ап“ концепт - секоја година секоја соба е дизајнирана од различен уметник.

Градежните работи почнуваат во ноември, пред вратите да се отворат во декември. Оваа година се отворија на 11 декември, а ќе се затворат во април 2021 година.

Според Ронкорони, мразот е помек од дрвото, но потежок за оформување. Тимот користи различни алатки за изработка на сложени дизајни.

Некои од спалните соби имаат блескави лустери изработени од повеќе од 1.000 ледени кристали кои треба поединечно рачно да се полираат. За да се спречи топењето на снегот, се користи ЛЕД-осветлување бидејќи не испушта топлина.


- Светлината внатре е волшебна, со различни тонови на сина боја и мали несовршености на површините што трепкаат. Снегот апсорбира многу звук, така што тоа значи дека е тивко во собите. Станува збор за магичен свет од соништата - вели тој.

Кога хотелот е отворен, собите секој ден се освежуваат со свеж снег што се расфрлува по подот и постојано се проверуваат скулптурите да не се оштетени.

- Понекогаш се случува скулптурите да се оштетат. Тогаш ги поправаме или создаваме нови. За среќа, тоа не се случува многу често. Гостите се доста внимателни - вели Лука.


Како креативен директор во хотелот, Лука е одговорен за изборот на уметници што ќе го дизајнираат замрзнатиот ентериер секоја сезона. Дизајнерите имаат одлични идеи. Така, во 2013 година една од спалните беше направена според измислената лабораторија во која оживеало чудовиштето на Франкенштајн, опремено со компјутерски машини и џиновски чаши направени од мраз.

Минатата година, за прославата на 30. роденден на хотелот, барот доби минијатурна луда железница, панорамско тркало и вртелешка, сите деликатно издлабени од мраз.




Хотелот обично одржува натпревар на кој уметниците треба да достават дизајн. Но оваа година, поради пандемијата, уметниците не можеле да стигнат таму поради ограничувањата во патувањето, па хотелот ги покани само уметниците и дизајнерите со седиште во Шведска. Во моментов има 19 тима и 35 уметници што работат на проектот.

Извор: Independent.co.uk
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот