X
 25.07.2018 Култура

Дали рускиот закон против лажните вести удира по слободата на говорот?



Проблемот со лажните вести е актуелен во целиот свет. И додека некои земји се борат против ширењето на непроверените и лажни информации со подобра едукација на корисниците на интернет, некои држави преземаат подрастични мерки.

Така, во Русија е предложен закон кој би требало да го спречи ширењето на лажни вести, но критичарите напоменуваат дека законот е насочен против слободата на говорот.

А токму Русија е најчесто повикувана за ширење лажни вести во претседателската кампања во САД во 2016 година.


Лажни вести
(Фото: Wikipedia)


Контроверзниот предлог-закон кој е предложен од страна на Обединета Русија предлага социјалните мрежи да сносат одговорност за „неточните“ коментари што ќе ги објавуваат корисниците. Освен тоа, интернет-страниците со повеќе од 100 илјади дневни корисници што имаат можност да коментираат ќе мора да ги избришат „неточните“ објави во рок од 24 часа или да платат казна во висина од 50 милиони рубли (околу 700.000 евра).

Критичарите истакнуваат дека рокот за бришење на „неточните“ објави е многу краток, па проценувањето на точноста или неточноста на информацијата би можело да падне на грбот на администраторите на социјалните мрежи. Тоа, од друга страна, отвора простор за манипулации и бришење на „непожелните“ коментари.

Социјалните мрежи како „Фејсбук“ и „Твитер“, но и „Гугл“, на големо работат на решавањето на проблемот со ширењето на лажните вести. Но сè додека за точноста, односно неточноста одлучуваат луѓе, ќе постои и можност „лажната“ вест да се провлече низ контролниот систем.

Критичарите во Русија сметаат дека проблемот најлесно би се решил кога би се развиле алатки кои автоматски би ги препознавале лажните вести и веднаш би ги елиминирале.

Но, додека не се случи тоа, ако се усвои предложениот закон, би можел дополнително да ја ограничи и бездруго ограничената слобода на говор во Русија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура