X
 02.02.2024 Здравје

Откриен нов ризик-фактор за срцев удар

Лекарите не само што треба да го проверуваат високиот крвен притисок, туку треба и да ги следат промените при секоја посета на пациентот, посочува ново истражување.

Истражувањето спроведено во Велика Британија, кое опфати повеќе од милион мерења, покажа дека варијабилноста на крвниот притисок е главниот предвидувач за ризикот од срцев и мозочен удар. Пациентите со флуктуирачки отчитувања може да бидат изложени на поголем ризик за кардиоваскуларни болести отколку оние со висок, но стабилен крвен притисок кој е контролиран со лекови.

Истражувачите од Кралскиот колеџ следеле повеќе од 8.000 пациенти во Велика Британија со висок крвен притисок во период од 20 години. Тие откриле дека варијацијата на систолниот крвен притисок со текот на времето е силен предвидувач за мозочен удар, срцев удар и атријална фибрилација. Ова било случај дури и кај пациенти што имале отчитувања на крвниот притисок во нормални граници, но кои варирале помеѓу посетите на лекар.

- Долго време знаеме дека високиот крвен притисок го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар, но нашите најнови наоди ја нагласуваат важноста од следење на варијабилноста на крвниот притисок со текот на времето - вели професор Питер Север, постар автор на студијата.

Најголем дел од испитаниците биле мажи со просечна возраст од 64 години. Меѓу пациентите со просечен систолен крвен притисок помал од 140 mmHg, оние со најголема варијабилност имале 16 отсто поголем ризик од срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни болести во споредба со групата со најмала варијабилност.

Исто така, се покажало дека повеќе од половина од инцидентите (53 проценти) се случиле кај пациенти чиј крвен притисок бил добро контролиран со лекови, под 140 mmHg, што укажува на тоа дека лекувањето било несоодветно.

Резултатите покажуваат оти варијабилноста на систолниот крвен притисок од 13 mmHg или повеќе во текот на пет години може да биде поврзана со значително зголемен ризик од кардиоваскуларни болести.

Извор: Okvir.net

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје