Луѓето отсекогаш се борат против вирусите, уште пред нашиот вид да се развие во денешниот, модерен облик. За некои вируси постојат вакцини и антивирусни лекови со кои можеме да спречиме ширење на инфекција, меѓутоа како вирусот на Еболата пустоши низ Западна Африка, така се` повеќе дознаваме дека борбата со нив се`уште не сме ја добиле.
Еболата Заире убива 90% од заразената популација, со што е најсмртоносниот член на семејството Ебола. Според професорката по микробиологија од Универзитетот во Бостон, Елке Мухлбергер, ситуацијата не може да биде полоша.
Околу нас постојат и многу други вируси, можеби и поопасни од Еболата. Ви ги нудиме најсмртоносните вируси во историјата на човештвото.
1. Вирусот Марбург
Научниците овој вирус го идентификувале во 1967 година, кога се појавила инфекција меѓу работници во лабораторија кои работеле на мајмуни увезени од Уганда. Вирусот Марбург е сличен на Еболата во тоа што и двата можат да предизвикаат хеморагична треска, што значи дека луѓето развиваат висока температура и крварење во телото кое може да доведе до откажување на органите и смрт.
Стапката на смртност при првото појавување на инфекцијата со овој вирус била 25%, но се искачила на 80% кога повторно се појавила во Конго во 1998 година. Според СЗО болеста повторно се појавила во Ангола во 2005 година.
2. Вирусот Ебола
Првото познато појавување на Еболата кај луѓето се појавило во Судан и Конго во 1976 година. Еболата се шири преку крв или преку други телесни течности. Може да се прошири и од ткивото на заразени животни или луѓе.
Од еден вид на Ебола, Рестон, луѓето воопшто не заболуваат. Меѓутоа стапката на смртност кај Бундибугјо видот е околу 50%, а 71% за видовите кои се појавуваат во Судан. Последната појава е забележана во Западна Африка, и тоа претставува најголемата и најсложената епидемија од појавувањето на Еболата па се` до денес.
3. Беснило
Иако постои вакцина против беснило, која е во употреба уште од 1920 година која помогнала појавувањето на болеста во развиените земји да се доведе на ниско ниво, оваа болест останува сериозен проблем во Индија и делови на Африка.
„Беснилото го заразува мозокот и е доста опасна болест“, вели Елке и додава: „Имаме вакцина и антителата делуваат против беснило, такашто ако некое животно со беснило касне човек, можеме да ја третираме таа личност. Но, ако не добиете третман, смртноста е скоро 100%“, вели таа.
4. ХИВ
„Во модерниот свет, најсмртоносниот вирус од сите е ХИВ. Тој се`уште е еден од најголемите убијци“, вели Д-р Амеш Адалја, инфектолог и портпарол на „Disease Society оf America“. Отприлика 36 милиони луѓе починале од ХИВ од самото појавување на болеста.
Силните антивирусни лекови создадоа можност луѓето со години да живеат носејќи го ХИВ вирусот. Меѓутоа болеста продолжува да се шири во неразвиените земји.
5. Големи сипаници
Во 1980 година СЗО објави дека во светот повеќе не постојат големите сипаници. Но, пред тоа луѓето се бореле против овој вирус илјадници години и болеста убивала еден од три заразени, додека оние кои ја преживеале болеста ги оставала со длабоки, трајни лузни и често слепи.
Стапката на смртност била многу поголема кај популацијата надвор од Европа, кадешто луѓето имале малку контакт со вирусот пред посетителите да го донесат во нивниот регион. Само во 20-от век, големите сипаници убиле 300 милиони луѓе.
6. Хантавирус
Хантавирусниот белодробен синдром предизвикал големо влијание во Америка во 1993 година, кога здрав индијанец и неговата свршеничка умреле во рок од неколку дена откако почувствувале проблеми со дишењето. Повеќе од 600 луѓе се заразиле со овој вирус, а 36% од нив починале од болеста.
7. Грип
Во текот на типичните сезони на грип, до половина милион луѓе ширум светот умираат токму од грип, вели Светската здравствена организација.
Најсилната пандемија на грип, некогаш била наречена шпански грип која започнала во 1918 година, а од неа заболеле 40% од светската популација, убивајќи 50 милиони луѓе.
8. Вирусот Денгуе
Овој вирус за прв пат се појавил во 50-те години на Филипините и Тајланд и од тогаш започнал да се шири низ тропските и субтропските региони на земјата. Околу 40% од популацијата сега живее во региони кадешто овој вирус е пандемичен. Оваа болест се пренесува од убод од комарец.
Од Денгуе вирусот заболуваат 50 до 100 милиони луѓе годишно, такашто стапката на смртност е пониска отколку кај другите вируси, околу 2.5%, но вирусот може да предизвика симптоми слични на Еболата и тука смртноста се подигнува за 20%.
9. Ротавирус
Засега постојат две вакцини кои ги штитат децата од рота вирус кој е водечки вирус меѓу бебињата и малите деца. Вирусот може за брзо време да се рашири, преку пат кој научниците го нарекуваат фекално орална рута.
Иако децата во развиениот свет ретко умираат од оваа инфекција, во земјите во развој, оваа болест е смртоносна бидејќи дијареата предизвикува дехидрација.
СЗО проценува дека ширум светот 453 илјади деца помлади од 5 години починале поради овој вирус во 2008 година.