X
 02.03.2020 Здравје

Приказна на млад Кинез што закрепна од коронавирусот: Бев до пеколот и назад

Епидемијата предизвикана од коронавирусот не запира. Ситуацијата е најтешка во Кина, каде што има десетици илјади заразени. Но има и луѓе што се излекуваа.

Од Вухан доаѓа приказната што ја објави британски „Гардијан“. Новинарот разговарал со човек кој го преживеал вирусот и детално раскажува како му изгледал секој ден од моментот кога се појавиле првите симптоми до моментот кога бил прогласен за излекуван. Исповедта е објавена под наслов „До пеколот и назад: три недели патење од коронавирусот“.

Метеж и заштитни костими

Тигер Је, 21-годишно момче од Вухан, првите здравствени проблеми ги почувствувал на 17 јануари. Почнало со болка во мускулите, раскажува момчето кое престојува и учи на пет километри од озлогласениот пазар на морски плодови во Вухан, местото за кое се верува дека е извор на заразата.

- Немам поим како го добив вирусот. Секогаш јадам во истиот ресторан кај моето училиште. Не се движев премногу бидејќи беше студено и бев уморен по предавањата, па си одев право дома. Кога почна распустот, си бев кај родителите, не во домот. Кога забележав дека сите околу мене носат медицински маски, почнав да носам и јас - раскажува Је.

До 21 јануари тој почнал да чувствува болка по целото тело, па го повикал татко си, кој насетил дека нешто не е во ред со него и го наговорил да се врати дома. Попладнето ја измерил температурата и се покажало дека има блага треска. Мајка му рекла дека ако не се симне до вечерта, ќе го носат во болница. Во 23 часот вечерта треската сè уште го мачела момчето, па родителите го однеле во болница.

- Кога дојдовме, видовме дека болницата е преплавена со пациенти. Дури кога првпат во животот видов лекари во заштитни костими, нешто што го имав видено само во документарни филмови за САРС, сфатив дека се случува нешто лошо - вели Је.

Поради метежот, тој решил да се обиде во друга болница и тоа се покажало како правилна одлука.

Како изгледа карантинот

- Кога пристигнав, таму немаше ни еден пациент. Ми направија тестирања на крвта, на црниот дроб и компјутерска томографија. Резултатите од компјутерската томографија покажаа сенки во долните делови на двете белодробни крила. Веднаш почнав да земам лекови - вели Је.

Кога властите почнале да го затвораат Вухан, татко му на Тигер го ставил момчето во карантин во нивниот дом. Купиле и многу инстант-тестенини, но на крај им останале бидејќи цело време сè имало во супермаркетите. Единствено не можеле да најдат средства за дезинфекција.

Постариот Је е канцеларски службеник во компанија која се занимава со лекови, а мајката на Тигер одела на медицински факултет, па родителите биле релативно свесни за ситуацијата во која се нашол нивниот син.

- Самоизолацијата ја почнав на 22 јануари. Мојата соба има сопствена бања, па е прилично соодветна. Ми готвеше баба ми, која ставаше маска кога ми ги носеше оброците. Користев прибор за еднократна употреба, кој потоа го фрлавме - објаснува Тигер.

На 25 јануари, откако поминал три дена во карантин, Тигер отишол на следниот преглед.

Тигер Је
Фото: Guardian

Инфекцијата ги зафаќа целите бели дробови

- Почнав да кашлам. Тоа беше суво кашлање со малку жолтеникав шлајм. Резултатите покажаа дека мојата здравствена состојба се влошува. Инфекцијата ги зафатила целите бели дробови - вели Је.

Лекарите го ставиле момчето на интравенозна терапија и му рекле дека е можно да има коронавирус, но и дека само стручен одбор може да одлучи кој ќе биде подложен на тестирање.

- До 26 јануари ми стана многу тешко станувањето од кревет. Имав треска, а температурата ми се качи на 39 степени - раскажува Је.

Периодот од 21 до 26 јануари Је го опишува како еден од најлошите.

- Кашлав толку силно, што од напор ме болеа и стомакот и грбот. Тоа беа едни од најлошите денови во мојот живот - вели тој.

Во тие моменти утеха пронашол на прилично невообичаено место.

- Сфатив дека ми треба духовна поддршка или можеби нема да се извлечам. Затоа почнав да ја гледам омилената анимирана серија и нивните нормални, среќни животи, си мислев дека можеби ќе морам да му кажам збогум на овој живот засекогаш. Но, ја гледав серијата во која главната хероина на почетокот запаѓа во неволји, но до крајот успева во кариерата - вели Је.

Пред да се разболи, Тигер се надевал дека кон средината на јануари ќе отпатува во Јапонија на концерт на неговата омилена пејачка Ајаке Охаши, која го позајмува гласот на хероината во серијата што ја гледал. Токму таа го инспирирала Тигер да се обиде да изгради кариера како менаџер на гласовни актери.

- Гледајќи ја серијата, помислив дека морам да закрепнам ако сакам да одам на нејзиниот следен концерт. Тоа ме охрабри и ми даде малку олеснување. Таа недела два пати ја сонував - вели Је.

Тестот е позитивен на коронавирус


Прегледот на кој отишол Тигер на 28 јануари покажал дека инфекцијата на белите дробови се повлекува. Лекарите заклучиле дека е добар кандидат за да се тестира на присутност на коронавирусот. Тестирањето, кое било направено следниот ден, покажало дека Тигер навистина бил заразен со коронавирусот. Веднаш бил ставен на 5-дневна терапија со лекови за ХИВ. Со оглед на тоа што неговата здравствена состојба и понатаму се подобрувала, а во болницата немало слободни кревети, тој бил вратен во домашна изолација.

На 29 јануари, кога кај Тигер бил утврден вирусот, температура добиле и неговиот брат и неговата баба. Кај брат му заразата со коронавирус била дијагностицирана на 2 февруари, но и тој со текот на времето закрепнал. Баба му никогаш не била тестирана бидејќи по неколку дена температурата сама се снижила. Прегледот на кој отишол Тигер на 4 февруари покажал дека неговите бели дробови заздравуваат од инфекцијата.

- Следниот ден тестирањето покажа дека сум негативен на коронавирусот, но морав да поминам низ уште едно тестирање за да бидам прогласен за здрав. Кога резултатите од тестот направен на 7 февруари покажаа дека немам коронавирус, беше заклучено дека сум се излекувал - раскажува тој.

Говорејќи за неколку од најтешките денови со болест што ги преживеал, Тигер се изрази и сликовито.

- Се чувствував како да сум отишол до пеколот и назад - вели тој.

Извори: Guardian, Telegram
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје