X
 02.04.2019 Живот

Њујорк ќе биде првиот американски град што ќе наплаќа влез во најфреквентните делови

Њујорк ќе биде првиот американски град што ќе им наплаќа на возачите кои ќе сакаат да влезат во најфреквентните делови од градот, откако сојузната држава се согласи на планот за наплаќање за застој како дел од буџетот за фискалната 2020 година.

Според планот, ќе се наплаќа сè уште неодредена такса за возилата што влегуваат во Менхетн под 60. Улица. Давачката е смислена за да се намали метежот во сообраќајот и да се зголеми брзината на движењето на возилата во најфреквентниот дел од Менхетн, како и да се соберат повеќе од милијарда долари годишно за исцрпените системи на јавниот превоз. Според американските медиуми, 80 отсто од приходите би можеле да одат за метрото и за градските автобуси.

Од канцеларијата на гувернерот Ендрју Куомо истакнаа дека ќе се плаќа само еднаш дневно, а цените ќе варираат. Иако не е точно одредено, медиумите пренесуваат дека целите ќе бидат пониски навечер и за време на викендите, кога нема толку густ сообраќај.

Живееме во општество зависно од автомобили и сопствениците на автомобили разбирливо се противат на идејата да мора да платат повеќе пари за да можат да стасаат каде што треба да одат, особено ако тие такси се однесуваат на обично одење на работа.

Минатата година една анкета на Универзитетот „Квинипијак“ од Конектикат покажа дека 44 отсто од гласачите во градот Њујорк се противат на наплаќањето на таксата за да се финансира масовниот превоз. Но, според анкета од 14 јануари на истражувачкиот институт „Сиена“, противењето е опаднато на 39 отсто од регистрираните гласачи од сојузната држава Њујорк, а поддршката е на 52 отсто.  

Зголемувањето на поддршката за транзитната такса која непропорционално ги погаѓа возилата во приватна сопственост е можеби најјасниот знак дека САД се подготвени да го променат односот со автомобилите. Промената е олеснета од подемот на сервиси како „Убер“ и „Лифт“, кои овозможуваат алтернативни опции за транспорт за луѓето во области без многу јавен транспорт. Исто така е забрзана од сè поголемите загрижувања за штетата за околината која ја носи нашата зависност од автомобилите.

Таксите нема да бидат имплементирани до 31 декември 2020 година. Сепак, за таксињата и други возила за изнајмување, една верзија на наплаќање веќе стапи во сила. Од февруари годинава стапи во сила наплаќањето дополнителна давачка за застој за патување со изнајмени возила кои во некој момент биле во Менхетн, јужно од 96. Улица. Со оваа давачка во предност се компаниите што нудат поделени возења, како „Убер“. Планот беше многу критикуван од такси-индустријата.

Иако во САД никогаш претходно немало наплата за застој, многу градови што ја вовеле знаат дека функционира. Се забрзува движењето на возилата, а опаѓаат застојот и емисиите на јаглероден диоксид.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот