Експериментот на градот Њујорк за утврдување дали технологијата за препознавање лица може да ги идентификува возачите што влегуваат или излегуваат од градот преку мостот „Роберт Кенеди“ изгледа дека е целосен неуспех бидејќи успешно идентификувал нула проценти патници. Сепак, тоа не го запира градот да продолжи со програмата.
„Вол стрит џурнал“ пренесе дека имал увид во е-пошта испратена од страна на службеник во корпорацијата одговорна за јавниот превоз во Њујорк, МТА, до службеник во администрацијата на њујоршкиот гувернер Ендрју Куомо на 29 ноември.
Според американскиот медиум, службеникот од МТА напишал дека завршил првичниот период за тестирање на мостот и дека системот не успеал да детектира лица во прифатливи параметри. Службеникот напишал и дека МТА обезбедува дополнителни камери за да го прошири проектот на други локации.
Кога биле прашани за сторијата, од администрацијата на Куомо истакнале дека приоритет број еден за гувернерот е безбедноста на жителите на Њујорк.
Но, Даниел Шварц, стратег за приватност и технологија во организацијата Унија за граѓански слободи во Њујорк, не се согласува со тоа.
- Последните вести ги потврдуваат нашите грижи дека оваа технологија е инвазивна и неточна и владата нема оправдување за нејзино користење за поткопување на приватноста на патниците. Технологијата за препознавање на
лицата само го зголемува капацитетот на владата за наметливо набљудување во реално време - истакна тој.