Исланд е најдобра земја во светот кога станува збор за родовата еднаквост, покажува најнов извештај на Светскиот економски форум. Оваа земја се наоѓа на врвот на листата што ја составува Светскиот економски форум веќе 12. година по ред. Земјата има добри оцени во сите категории: економски можности, образование, здравство и политичко водење. Оцената на Исланд се подобрила во споредба со минатата година.
По Исланд следуваат Финска, Норвешка, Нов Зеланд и Шведска. Помеѓу првите десет се и Намибија, Руанда, Литванија, Ирска и Швајцарија.
Најдобри 10 земји за родова еднаквост
1. Исланд
2. Финска
3. Норвешка
4. Нов Зеланд
5. Шведска
6. Намибија
7. Руанда
8. Литванија
9. Ирска
10. Швајцарија
Фото: Исланд/Pixabay
- Времето потребно да се затвори родовиот јаз сè уште е недозволиво долго, па лидерите се соочени со стари и нови пречки во воведувањето родова еднаквост на работното место, во институциите и општеството - напишале во извештајот Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум, и Садиа Захиди, управен директор.
- Со нерешавањето на овие нови предизвици се ризикува создавање долгорочни лузни на економските можности за жените - додаваат тие.
На глобално ниво, овогодишниот извештај покажува дека напредокот стагнирал, а се зголемиле родовите јазови во политиката. Со ова темпо на светот ќе му требаат речиси 136 години за да го затвори родовиот јаз.
Пандемијата на коронавирусот дополнително го отежнува напредокот бидејќи на жените им е потешко да го поднесат товарот на социјалните и економски последици, покажало истражување во „Лансет“. Во извештајот на Светскиот економски форум се покажува истото - дека жените биле потешко погодени од пандемијата отколку мажите, а на некои места повторно се создале родови јазови откако биле затворени. Жените почесто остануваат без работа отколку мажите, а податоци од „Линкдин“ покажуваат дека жените поретко се вработуваат на лидерски позиции.
Фото: Pixabay
Еден од клучните фактори што ја прави Исланд различна од другите земји е тоа што во оваа држава жените биле на високи позиции во институциите речиси исто долго како и мажите. Жени ја воделе земјата речиси 24 години во последните 50 години. Само во Бангладеш жени ја воделе земјата повеќе отколку во Исланд, односно над 27 години во последните 50 години. Освен тоа, 39,7% од парламентарците и 40% од министрите на Исланд се жени. Жените често се и на управувачки позиции.
Финска, која се наоѓа на второто место на листата, затворила 86,1% од родовиот јаз. Во земјата има многу министерки, а на чело на владата е жена од 2019 г.
Сепак, во извештајот се заклучува дека иако многу земји направиле мало поместување за поголемо вклучување на жените во општеството, жените сè уште се казнети во светот на работата.
Автор: Ема Чарлтон
Извор:
weforum.org