X
 20.12.2018 Технологија

„Гугл“ ќе гради кампус во Њујорк вреден милијарда долари

Технолошкиот гигант „Гугл“ ја најави изградбата на нов кампус во Њујорк вреден милијарда долари. „Гугл Хадсон сквер“, како што би требало да се вика новиот центар, ќе биде сместен покрај реката Хадсон во квартот Вест Вилиџ.

На површина поголема од 150 илјади квадрати, новиот кампус ќе може да прими 7.000 нови вработени, кои „Гугл“ планира да ги прими во следните десет години.

Првите работници во новите простории би требало да влезат во 2020 година, а целиот кампус е сместен на три локации оддалечени меѓу себе на десет минути пешачење. Инаку, ова ќе биде втор голем кампус на „Гугл“ во Њујорк. Седум илјади вработени во оваа компанија веќе работат на Осмата авенија.

Ова не е единствената најава за ширење на просториите во технолошкиот сектор. Имено, минатата недела „Епл“ најави изградба на нов деловен кампус во Остин, Тексас, во кој исто така ќе бидат вложени милијарда долари. Тој кампус ќе има капацитет да прими 15.000 работници. Дополнително, од „Амазон“ најавија дека своите 50.000 вработени ќе ги преселат во нови канцелариски простории во њујоршки „Квинс“ и во Арлингтон во Вирџинија.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија