Со малку повеќе од 3.000 жители, Медина во Вашингтон е седмиот најбогат поштенски број во САД, со средна вредност на куќите од 2,77 милиона долари. Градот во 2017 година имал просечен приход на домаќинствата од 186.464 долари. Колку за споредба, средниот приход на домаќинствата за 2017 година во САД бил 60.336 долари.
Сепак, Медина снемува пари, иако станува збор за домот на најбогатите луѓе на планетата.
Џеф Безос и Бил Гејтс се најбогатите луѓе на светот, вредни 119 милијарди, односно 107 милијарди долари според процените на „Блумберг“. Седиштето на компанијата „Амазон“ е во Сиетл, „Мајкрософт“ е надвор од градот, а двајцата милијардери имаат домови во Медина.
Проблемот е во тоа што иако вредноста на куќите во Медина се зголемува, приходите на градот не се зголемуваат со иста брзина.
Можеби ќе ви биде тешко да замислите дека градот нема доволно приходи за одржување на моменталното ниво на услуги. Иако цените на недвижностите продолжуваат да се зголемуваат, даночните приходи на градот не растат во тандем - истакнуваат од градот.
Тоа е така затоа што според законот, локалната самоуправа не може да го зголеми износот на даночни приходи кои ќе ги собере за повеќе од еден отсто секоја година, без граѓаните да гласаат за одобрување поголем износ.
Така во 2019 година Медина ќе добие само 2,8 милиона долари данок на имот, се жалат од градот. Зголемувањето од еден отсто изнесува дополнителни 28.000 долари, што не е доволно за покривање на зголемените трошоци.
За да го поправи недостигот, градот ќе гласа за укинување на горната граница на данок на имот, доволно за да обезбеди средства за продолжување на моменталното ниво на услуги без значително намалување.
Предложеното зголемување на данокот на имот во Медина би го зголемило данокот на имот за 20 центи на 1.000 долари проценета вредност. За куќа од 2 милиона долари, тоа би биле 400 долари годишно во 2020 година и 589 долари годишно во 2025 година.
Ако градот продолжи со работа без зголемување на данокот на имот, ќе има дефицит од 500.000 долари до 2020 година и дефицит од 3,3 милиони долари до 2025
година.