X
 02.07.2024 Наука

Марс е постојано бомбардиран од метеори

На некои планети бомбардирањето со метеори никогаш не престанува. Новата анализа на податоците собрани од сеизмометар на Марс открива дека вселенските карпи го погодуваат многу почесто отколку што сме мислеле.

Всушност, Марс се соочува со апсолутен удар. Врз основа на бројот на земјотреси поврзани со ударите во близина, тим од научници проценил дека Марс речиси секојдневно се соочува со удари од камења со големина на кошарска топка.

- Оваа стапка беше околу пет пати поголема од проценетата бројка само од орбиталната слика. Во согласност со орбиталната слика, нашите наоди покажуваат дека сеизмологијата е одлична алатка за мерење на стапките на удари - истакнал планетарниот научник и главен автор на студијата - Џералдин Зенхаузерн од „ЕТХ Цирих“ во Швајцарија.

Роботскиот вселенски истражувач „Марс инсајт“, во четирите години што ги поминал во набљудување на внатрешноста на Марс до крајот на 2022 година, може да се каже дека го револуционизира нашето разбирање за Црвената Планета. Претходно се сметаше дека на Марс ништо посебно не се случува, но откриена е цела низа тектонски и магматски активности.

Брзината со која се формираат кратери на површината на планетата може да помогне да се процени колку е стара таа површина. Се смета дека површините со повеќе кратери се постари, а оние со помалку се помлади. Ако ја знаеме брзината со која се појавуваат овие кратери, можеме да одредиме колку е стара дадената површина.

Истражувачите пресметале колку удари се случиле во близина на роботскиот истражувач во текот на годината - помеѓу 280 и 360 удари на Марс создаваат кратер поголем од 8 метри, со брзина од околу еден дневно. А кратерите со дијаметар поголем од 30 метри се појавуваат околу еднаш месечно.

Ова не е само релевантно за разбирањето на историјата на Марс, туку дава и вредни информации кои ќе помогнат во подготовката за човечкото истражување на Црвената Планета.

Извор: okvir.net

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука