Треба да се направи повеќе за да се осигуриме дека мастилата за тетоважи и другите производи за трајна шминка се без бактерии, велат авторите на новата студија која открила загрижувачки голем број комерцијални примероци со бактерии во нив.
Тестирањето открило бактерии во околу 35 отсто од мастилата за тетоважи и трајната шминка земени од примероци во САД. Тоа ги вклучува и аеробните бактерии на кои им треба кислород за да живеат и анаеробните бактерии на кои не им треба кислород - што значи дека би можеле да преживеат во дермалниот слој под површината на кожата, дури и без довод на воздух.
Истражувањето било спроведено од тим од Националниот центар за токсиколошки истражувања (НЦТР) и Центарот за безбедност на храна и применета исхрана (ЦФСАН), како и дел од Управата за храна и лекови на САД (ФДА).
- Нашите резултати откриваат дека неотворените и затворените мастила за тетоважи можат да содржат анаеробни бактерии, за кои е познато дека напредуваат во средини со ниска содржина на кислород, како што е дермалниот слој на кожата, заедно со аеробните бактерии. Ова значи дека контаминираните мастила за тетоважи би можеле да бидат извор на инфекција од двата вида бактерии - истакнал микробиологот Сеонг-Јае Ким од НЦТР.
Тимот тестирал 75 мастила од 14 различни производители, земени примероци од запечатени, претходно неотворени шишиња. Истражувачите ставиле1-2 грама од секое мастило во раствори кои потоа биле ставени во инкубатори за набљудување. Микроорганизми биле откриени во 26 од 75 земени примероци, вклучително и 8 потенцијално патогени видови. Најчестите видови биле од родот „Staphylococcus“, поврзани со различни инфекции.
Од примероците од 75 мастила за тетоважи и трајна шминка, производителот конкретно тврди дека 49 се стерилни и без бактерии. Сепак, ова не се совпаѓа со она што истражувачите го откриле кога ги отвориле шишињата.
- Немаше јасна врска помеѓу етикетата на производот и вистинското отсуство на бактериска контаминација - вели Ким.
Резултатите имплицираат дека процедурите за стерилизација на мастилото за тетоважи веројатно не ги искоренуваат целосно бактериите или тврдењата на етикетите не се точни. Истражувачите велат дека треба да се оцени ефикасноста на методите што се користат за стерилизирање мастила за тетоважи.
Околу 1 од 3 возрасни лица во САД има барем една тетоважа, а мастилото веќе е поврзано со голем број здравствени проблеми, вклучително и зголемен ризик од појава на рак. Сепак, истражувањето покажало дека тетоважите всушност може да го зајакнат вашиот имунолошки систем. Повеќето компликации поврзани со тетоважата се реакции од имунолошкиот систем, но помеѓу 0,5 и 6 проценти од тетовираните луѓе добиваат инфекции. Овие проблеми се поврзани со самите мастила, а не со хигиената или негата.
Извор: sciencealert.com
Фото: Freepik