X
 17.03.2024 Здравје

Светот во депресија: Третина од Германците страдаат од ментална болест, а во САД бројката е уште поголема

Менталните болести, како депресија или фобии, мачат сè поголем број луѓе во светот. Во Германија третина од населението е погодено, во САД, Турција и Мексико бројката е уште поголема и ќе расте, се вели во Извештајот за ментално здравје.

Во моментов, 31 отсто од населението во Германија е погодено од ментална болест. Исто толку се погодени и во Кина. Во САД дури 40 отсто од населението страда од ментални болести како депресија, анксиозност или нарушувања во исхраната.

Ова е резултат од репрезентативното истражување на Меѓународниот институт за истражување на јавното мислење „Ипсос“. Истражувањето го нарача германската осигурителна компанија АКСА, а резултатите беа објавени во Извештајот за ментално здравје 2024 година.

Истражувањето опфатило 1.000 луѓе од секоја од 16. земји во Европа, Азија и Северна Америка за нивното ментално здравје. Споредено со 2023 година, забележливо е дека во повеќето земји состојбата се влошила во 2024 година.

Во Франција, Ирска и Мексико бројот на лица со ментални болести е зголемен за 6 до 7 отсто, во Турција за дури 8. Само на Филипините во 2024 година има помалку пациенти отколку една година порано.

Дополнително, се чини дека менталното здравје е генерациски проблем. Особено често младите на возраст од 18 до 34 години велат дека страдаат од ментална болест. Во Ирска, Турција и САД првенствено се погодени младите на возраст од 18 до 24 години. Но, во старосната група од 25 до 34 години САД и Турција водат по бројот на ментално болни лица.

Според Извештајот, 43 отсто од сите испитаници на возраст од 18 до 24 години изјавиле дека се ментално болни. Најчести болести се депресијата, од која страдаат 22 отсто од испитаниците, анксиозноста, фобиите или посттрауматското стресно растројство, од кое страдаат и 22 отсто од испитаниците.

Колку се постари испитаниците, толку поретки се менталните болести. Само 14 отсто од испитаниците на возраст од 65 до 75 години изјавиле дека страдаат од некое психолошко нарушување, како депресија, фобии и слично.

Жените почесто страдаат од ментални болести


Постојат разлики не само во однос на возраста, туку и во однос на полот. Жените пријавуваат дека се ментално болни почесто од мажите. Ова се однесува на сите 16 земји во кои е спроведено истражувањето.

Ова истражување јасно покажува колку е важна стручната помош во случај на ментална болест. Мнозинството од испитаниците во Германија (57 отсто) велат дека благодарение на стручната помош, успешно се излекувале.

Но, дури и во Германија четвртина од испитаниците (24 отсто) не прифаќаат професионален третман од психолози или психијатри. Само во Јапонија повеќе луѓе (25 отсто) не прифаќаат стручна помош во случај на ментална болест.

Според Германското здружение за психијатрија и психотерапија, психосоматика и третман на нервни заболувања, менталните болести во Германија се меѓу четирите најважни причини за губење здрави години од животот. Покрај тоа, луѓето со ментални болести живеат во просек десет години помалку од остатокот од населението.

Извор: bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје