X
 02.08.2021 Живот

Единствените бели носорози на планетава се женки, мајка и ќерка. Научниците се обидуваат со вонтелесно оплодување да го спасат видот

Наџин и Фату се единствените бели носорози што останаа на планетава. Двете се женки, мајка и ќерка.

- Тажно е да ги гледаш и да знаеш дека ќе бидат последните од својот вид - вели Џејмс Менда, нивниот чувар во природниот резерват „Ол Пејета“ во Кенија.

Бидејќи се на раб на изумирање, тим од конзерватори смислил неверојатен план да ги спаси.

„Ол Пејета“ е парк за заштита на животните во подножјето на планините на Кенија. Наутро се спушта магла од планините и се задржува на земјата. Наџин и Фату спијат во ограден простор, но рано во текот на денот Џејмс ги изнесува на рамнината за да се одморат и да пасат.

Северните бели носорози се единствениот вид каде што еволуирала поширока уста за да пасат трева која расте на мочуришните рамнини во нивното природно живеалиште. Стада од овој вид некогаш имало во Уганда, Судан и Демократската Република Конго. Но, долгогодишниот криволов поради роговите го намалил нивниот број.

Изненадувачки е што Наџин и Фату не се родени во Кенија, туку во Чешка. Кога популацијата во нивното природно живеалиште почнала да се намалува, зоолошката градина „Двур Кралове“ во 1975 увезла шест северни бели носорози во тогашна Чехословачка.

Секако, надежта лежела во природното парење и природното одгледување. Во периодот меѓу 1977 и 1983 година биле родени три носорози. Но, настапило 6-годишно затишје, сè додека не се родил втор носорог, и тоа била Наџин. Таа, пак, во 2000 година ја родила следната женка во зоолошката градина, која ја крстиле Фата. Но, стапката на репродукција била пребавна за популацијата да биде во заробеништво. А имало и уште еден проблем - мажјаците носорози постепено умирале од старост.



Потпомогнато оплодување

Во зоолошката градина знаеле дека единствениот начин за спас на северниот бел носорог е создавање ембриони во лабораторија и повикале помош.

- Зедовме семенски материјал од мажјакот и одлучивме да го ставиме во женката - вели Томас Хилдербренд, експерт за репродуктивна медицина на диви животни од Берлин.

Тоа не било лесна задача со оглед на нивната големина, па од зоолошката градина морале да ги креваат животните за на Томас и неговиот тим да им се овозможи пристап до репродуктивните органи. Успеале да соберат примероци од семенски материјал од северниот бел носорог и да го зачуваат во криогени замрзнувачи во лабораторија во Берлин. Но, и покрај сите напори, вештачкото оплодување не резултирало со ниедна бременост.

Враќање во Африка

Се појавила идеја дека преместувањето на носорозите во подрачје кое е поблиску до нивното првобитно живеалиште може некако да го поттикне оплодувањето, па Наџин и Фату, заедно со Суни и Судан (последните два преживеани мажјаци) во 2009 година пристигнале во нивниот нов дом во Кенија.

Постоеле знаци на парење, но немало бременост. Во 2014 година Томас отишол во Кенија и открил дека Фату, која тогаш имала 14 години, имала целосно оштетена матка поради инфекција, па немало шанси да издржи бременост. За нештата да бидат полоши, нејзината мајка Наџин имала трајно оштетување на Ахиловите тетиви и немало шанси да може да носи дополнителни сто килограми во поодмината бременост. Подоцна истата година, Суни починал од природна смрт. Со 45 години, Судан станал последниот мажјак од видот северен бел носорог, но умре во 2018 година.

Тоа било трагична слика. Последните две женки од видот северни бели носорози не можеле да родат мали, а мажјаците се мртви.

Техники за вонтелесно оплодување за производство на носорог во епрувета

Томас забележал дека иако Наџин и Фату не можеле да забременат, и понатаму создавале јајце-клетки. Тогаш се родила идејата за собирање на јајце-клетките од двете последни женки. Користејќи техника за вонтелесно оплодување, јајце-клетките од Наџин и Фату би можеле да се оплодат во лабораторија со смрзнатиот семенски материјал од мажјаците кои веќе не се живи, а кои се чуваат во посебно заштитени крио-контејнери во Берлин.

Се чинело дека носорозите од епрувета ќе бидат последна шанса за спас на видот, но за да се дојде дотаму, научниците морале да ризикуваат и да изведат сложена операција на вадење јајце-клетки од женките.



- Сфатив дека можеби нема да успееме. Но, би сакал да чувствувам дека направивме сè што можевме за да ги спасиме - вели Томас.

Операцијата во 2019 година била успешна и Томас и неговите колеги успеале да соберат 10 јајце-клетки, кои биле однесени во Италија, каде што се извршило оплодување во епрувета со семенскиот материјал од белиот носорог, а резултатот биле два ембриона. Но, следното прашање било наоѓање матки во кои би се ставиле ембрионите за да можат да се развиваат. Поради тоа што Наџин и Фату биле исклучени од медицински причини, најблиската сурогат-мајка била со потекло од јужниот бел носорог.

Ембрионите прво мора безбедно да се транспортираат од Европа во Кенија. Се верува дека процесот на имплантација би можел да почне кон крајот на 2021 година или на почетокот на идната година. Ако сè оди според планот, со период на бременост од 16 месеци, првото мало би можело да се роди во рок од две години.

Извор: BBC
Фотографии: olpejetaconservancy.org
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот