X
 02.09.2018 Живот

Ученичка од Шведска не оди на часови за да протестира против климатските промени

Зошто да се мачите да учите нешто на училиште ако политичарите на посветуваат внимание на фактите? Ова е едноставната мисла која ја натерала Грета Тунберг, која има само 15 години, да протестира на најефективниот начин кој го знаела. Таа е на штрајк и одбива да оди на училиште до изборите во Шведска, кои ќе се одржат на 9 септември, за да привлече внимание кон климатската криза.

Нејзината земја беше погодена од топлотни бранови и пожари во најтоплото лето кое е забележано во Шведска откако почнала да се води евиденција пред 262 години.

Веќе две недели, Тунберг секој ден тивко седи пред парламентот во Стокхолм, делејќи летоци на кои пишува: „Ова го правам зашто вие возрасните ми ја уништувате иднината“.

-Го правам ова затоа што никој друг не го прави. Моја морална одговорност е да направам што можам. Сакам политичарите да го приоритизираат прашањето за климата, да се фокусираат на климата и да ја третираат како криза - вели ученичката.

Кога луѓето ќе ѝ кажат дека треба да е на училиште, таа им ги покажува книгите во нејзината торба.

-Тука ми се книгите, но си мислам: Што пропуштам? Што ќе научам на училиште? Факти кои веќе не се важни, политичарите не ги слушаат нашите научници, па зошто јас да учам - прачува ученичката.

Фото: Guardian

Шведска има репутација на климатски пионер и шампион кога станува збор за животната средина. Оваа година земјата го донесе најамбициозниот климатски закон во светот, со цел да стане јаглерод неутрална до 2045 година, но Тунберг смета дека тоа е задоцнета реакција и дека нештата треба да се одвиваат побрзо. Нејзините родители сакаат таа да се откаже од протестот и да се врати на училиште.

Но, еден наставник ѝ се придружи. Бенџамин Вагнер очекува да загуби плата за три недели, а веројатно и работата, поради штрајкот, но тој ја поддржува Грета.

Политичарите истакнуваат дека се импресионирани од храброста и одлучноста на Грета.

-Но, исто така сум и тажна затоа што таа чувствува дека треба да биде таму. Политичките партии во Шведска не направија доволно. Благодарение на жешкото лето, стана полесно за луѓето да замислат што климатските промени може да значат за нас и за другите во Европа ако продолжиме да го игнорираме она што се случува - вели Џанин Алм Ериксон, парламентарка од редовите на Зелената партија.

Грета го променила животот на нејзината фамилија. Така, мајка ѝ, која е позната оперска пејачка, се откажала од интернационалната кариера поради климатските ефекти од авијацијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот