X
 02.10.2018 Наша тема

Интервју со проф. Ричард Комптон од Оксфорд, еден од најпознатите хемичари во светот денес

Нашите хемичари велат дека научници од овој ранг ретко ја посетуваат Македонија. Љубезен, трпелив, со одлична смисла за хумор, помеѓу два состанока во Македонската академија на науките и уметностите, проф. Комптон одвои време за интервју за Факултети.мк. ENGLISH VERSION


Тој е еден од најпознатите научници-хемичари на денешницата, секако, предводник на полето на електрохемијата. Веројатно еден од наредните добитници на Нобеловата награда за хемија. Неодамна со својот тим го објави научниот труд во кој се докажува дека плунката е индикативна за биполарно нарушување. Нашите хемичари велат дека научници од овој ранг ретко ја посетуваат Македонија. Ричард Комптон, професор на „Оксфорд“, иноватор, еден од најцитираните хемичари во светот денес, автор на 7 книги, ја посети Македонија во последните жешки денови од септември. Беше еден од главните предавачи на 25. Конгрес на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија што се одржа во Охрид. Љубезен, трпелив, со одлична смисла за хумор, помеѓу два состанока во Македонската академија на науките и уметностите, проф. Комптон одвои време за интервју за Факултети.мк.

Проф. д-р Ричард Комптон  Фото: Сребра Ѓорѓијевска

Професоре Комптон, дали сте првпат во Скопје?

- Да. Стигнав и главно се однесувам како турист деновиве. Многу гостопримливо место.

Какви се Вашите први импресии?

- Топло е, сончево е, се чувствувам добредојден. И храната и пивото се одлични! Учествувам на научна конференција во Охрид - собирот на хемичари го организира Сојузот на хемичари и технолози на Македонија. Јас ќе одржам предавање, придружено со дискусија со останатите научници. Гостин сум на конференцијата и на проф. Валентин Мирчески.

Професор сте на Универзитетот „Оксфорд“, главен уредник на списанието Electrochemistry Communications, коосновач на компанијата OxTox, иноватор, Вашиот Хирш-индекс е 93, автор сте на 7 книги... Како го постигнувате сево ова?

- Хирш-индексот е 98 во овој момент. Надграден е... Многу работам (се смее). Не... Имам голем тим што ме поддржува. Тоа е задоволството да се работи на „Оксфорд“... лесно е да привлечете висококвалитетна истражувачка група. Работам со група од 25 луѓе - исклучително продуктивен и успешен тим.

На Оксфорд ве наоѓаат вас

Тешко ли е да се најде добар тим за соработка?

- Не, на Оксфорд ве наоѓаат вас. Речиси и да шетаат низ улиците. Не е како во повеќето места. Но, ние сме навистина интернационални, па клучна работа е што можете да го привлечете најдоброто од целата планета, не само од Обединетото Кралство.

Какви квалитети треба да има еден студент за да стане дел од Вашиот тим?

- На истражувачко ниво, идеална би била исклучително силна препорака од некој на кој му верувам, кој го познавам. На пример, ако проф. Мирчески рече дека некој е добар, му верувам, ако други луѓе речат дека е добар, можеби ќе им верувам... Личните препораки се многу, многу моќни.

Како професор на еден од најугледните универзитети во светот, што ги учите своите студенти?

- Всушност, во Оксфорд не предавам само на универзитетот, туку и на колеџ, во мојот случај на St John’s College. Студентите посетуваат четиригодишни студии, почнуваат на 18 или на 17 години, а им предавам физичка хемија. Ги учам на сите аспекти од физичката хемија, не само електрохемија или нанохемија. Ги преземам како млади, неискусни студенти и се обидувам да ги изградам во позрели научници со широки погледи на хемијата и подалеку.

Сè во хемијата предизвикува. Одите таму каде што ве носи интересот

Електрохемија, електроанализа, нанохемија... Како научник, кои области од хемијата најмногу Ве предизвикуваат?

- Тешко, невозможно прашање. Најпредизвикувачка тема е тоа што го работите во моментот. Одите таму каде што ве носи интересот. Убавината на хемијата е што во неа многу науки се испреплетуваат. Така, пред многу години, кога бев студент, уживав во математиката. Во геологијата, исто така. Тукушто разгледавме една фантастична геолошпко-минеролошка колекција тука, во Академијата. Хемијата, всушност, ги обединува сиве овие науки, заедно со физика и биологија. Така, преку хемијата, можете да ги прегрнете сиве овие различни области. Таа е централна наука и е многу моќна.

Малкумина се свесни дека хемијата е тоа што сме, таа е сè што нè опкружува. Можете ли да наведете неколку од Вашите откритија што им го олеснуваат секојдневието на луѓето?

- На конференцијата ќе зборувам за тоа, зошто наносреброто е токсично, но големите површини сребро се нетоксични. На пример, имате голем сребрен чајник кој не е отровен. За споредба, ако во организмот внесете сосема мали количини наноделови од сребро, тоа веројатно ќе направи големи оштетувања. Зошто е тоа така? Тоа е хемија! Всушност, разбирањето на механизмот на реакцијата што е во тек, на површината на малите делови, сметам дека е значаен придонес од мојата работа. Во други области, правиме хемиски сензори. На пример, ако дупчите за нафта, често дупчалката наидува на џебови со сулфуроводород. И излегува од нафтениот бунар. И по шест-седум луѓе секоја година умираат на нафтените полиња од ослободен гас на сулфуроводород. Ние измисливме електрохемиски сензор кој се поставува на дното на дупката, на висока температура, при висок притисок... и сигнализира кога излегува сулфуроводород, за работниците да бидат внимателни и да избегаат на време. pH: Секој што одел на училиште или студирал хемија и биологија мерел pH. Минуваат часови додека премерувате различни вредности за да ја добиете конечната пресметана вредност. Така, ние измисливме pH-метар без калибрирање. Многу подобро! Во моментот работиме на истражувања со бактерии; електрохемиска детекција на бактерии е нешто што активно го следиме. Одделно употребуваме плунка, како средина за биомаркери. На пример, за поларно нарушување... неодамна објавиме труд со експерти од медицина и докажавме дека содржината на плунката е индикативна за биполарно нарушување. Сите знаеме за тестот за дијабетес – морате да земете крв за самоанализа и следење на нивото на глукоза... Тоа е инвазивен метод, не многу пријатен. Замислете само дека можете да ја употребите плунката како неинвазивен метод на медицински анализи. Само одите во аптека, купувате прибор и си го првите сами.

Докажавме дека содржината на плунката е индикативна за биполарно нарушување

Пластика... најголемиот загадувач на човештвото, добиен по пат на хемиска реакција. Дали науката има решение за овој проблем?

- Не верувам дека можеме да го вратиме времето. Потребно е детектирање што има надвор и свесност за тоа, а потоа промена на навиките. Малку се зафативме со детектирање на микропластика, но сензитивноста се покажа како проблематична за нас. Решението е во контролирана употреба и прописи.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема