Адолф Камински во текот на Втората светска војна, уште како тинејџер, бил член на француското движење на отпорот за кое фалсификувал исправи. Спасил илјадници животи. Никогаш не зел пари за својата работа.
За да го издржи напорното темпо и да ја надмине исцрпеноста, 18-годишниот Адолф Камински, фалсификувајќи документи во окупираната Франција во Втората светска војна, без престан си повторувал: „Ако работам еден час, 30 луѓе ќе преживеат, а ако отспијам еден час – ќе умрат“. И работел до изнемоштеност. Тоа била едноставна равенка. Во еден час можел да направи 30 документи.
Аргентинскиот Евреин Адолф Камински спасил над 14.000 Евреи. Роден е на денешен ден во 1925 година, а кога имал 7 години со семејството се преселил во Франција.
На само 13 години го напуштил училиштето за да работи и да му помогне на семејството. Бил чирак во погон за боење облека. Таму со часови учел како да отстранува дамки од ткаенините и токму тука се родила неговата љубов кон хемијата. Почнал страсно да чита книги за хемија и да прави експерименти дома. Неговиот шеф, кој бил инженер по хемија, бил воодушевен од интересот што го пројавил овој тинејџер.
- Одговараше на сите мои прашања – рече во една пригода Камински, присетувајќи се на својот прв шеф. Во викендите работел во локалната млекарница, а за тоа и добивал плата –путер.
Експерт за фалсификување
Нацистите ја окупирале Франција кога тој имал 15 години, и со своето семејство за влакно го избегнале одењето во концентрационен логор.
Татко му го пратил по лажни документи кај група Евреи кои се занимавале со фалсификување документи. Кога стигнал, тие му кажале дека имаат проблем затоа што не можеле да ја отстранат сината боја од документите. Младиот, тогаш 17-годишен Адолф, знаел што треба да направи. Воодушевени, веднаш му понудиле да му се приклучи на движењето на отпорот.
Благодарение на документите, Адолф Камински станал Жулиен Адолф Келер, Французин од покраината Елзас.
До 19-тиот роденден спасил илјадници луѓе изработувајќи им лични карти, пасоши и карти за воз. Никогаш не зел ни пара за својата работа. Само сакал да помогне.
- Спасував животи само затоа што не можев да се носам со непотребната смрт. Едноставно не можев. Сите луѓе се еднакви, без разлика на нивното потекло, уверувањата и бојата на кожата. Не постојат супериорни и инфериорни, тоа ми е неприфатливо – рекол Камински.
За своите дела бил награден со медалот Движење на отпорот. По војната, Камински станал фалсификатор за неколку движења за слобода низ светот, од Јужна Америка до Африка. Учествувал во судирите на Алжирската војна за независност, па се до Виетнамската војна, а во тој период исто така правел лажни документи.
Престанал да прави лажни документи во 1971 година. Службено, за фамилијата и за околината, тој бил фотограф и од тоа заработувал за живот. Неговата ќерка Сара, која за активностите на својот татко дознала откако станала возрасна жена, ја напишала книгата за него – „Адолф Камински: Животот на фалсификатор“.
- Тој 30 години фалсификувал документи, никогаш за себе, туку за други, и тоа го правел з ада им помогне на прогонетите и угнетените. Одбивал да прими пари. Да прими пари, за него значело да биде платеник. Да прифател плата, не ќе можел да каже „да“ или „не“ за тоа што го сметал за праведно или направено барање – рекла таа.