X
 02.10.2020 Култура

Падна првата клапа од снимањето на филмот „Денот на жената“ во режија на Гоце Цветановски

Режисерот Гоце Цветановски денеска го почна снимањето на својот прв долгометражен игран филм „Денот на жената“. Станува збор за социјално-ангажиран крими трилер кој се фокусира на темата трговија со луѓе, со посебен акцент на насилството врз жените. Пораката на филмот е оптимистичка, дека, сепак, правдата е посилна од неправдата. „Денот на жената” ќе се снима на локации во Скопје и Куманово во текот на октомври.

-Многу сум среќен што после толку труд, посветеност и работа, конечно ми се отвори можноста да работам долгометражен игран филм. Се надевам дека со овој филм ќе отвориме една нова димензија во македонската филмска индустрија, каде што комерцијалниот и уметничкиот дел ќе бидат подеднакво застапени. Исто така, очекувам темата да привлече голем интерес кај публиката, па и контроверзија поради својата ангажираност и провокативниот пристап. Воедно, би сакал да се заблагодарам на целата екипа, бидејќи филмот е тимска работа и засега од подготовките можам со сигурност да најавам дека ќе биде нешто неочекувано“, изјави режисерот Цветановски. 

Фејми Даут

Директор на фотографијата е Фејми Даут, добитник на повеќе меѓународни признанија за најдобра фотографија, меѓу кои и престижната награда од Американската асоцијација на кинематографи. Даут, заедно со Самир Љума се кинематографери на номинираниот филм за „Оскар“ - „Медена земја“.
Главната женска улога ја толкува Слаѓана Вујошевиќ, позната по улогата на Биби, од „Сказните на Биби“, моментално најбрзо растечкиот детски бренд на Балканот. Главните машки улоги ги толкуваат Муса Исуфи и Исмаил Касуми, актери во повеќе играни и кратки филмови со многубројни награди од меѓународни филмски фестивали. 


Дел од актерскиот тим се и Катерина Коцевска, ветеран на македонската филмска и театарска продукција, Елени Декидис, бугарска актерка во подем позната по својата улога во една од најпопуларните ТВ-серии во Бугарија, „All Inclusive“, како и Егзона Салиху, актерка која има одиграно многу улоги во театарски и ТВ-серии во регионот.

Режисерот Гоце Цветановски студирал филмско сценарио и режија во Париз, каде живеел од 1998 до 2015 година. Има режирано и продуцирано околу 20 кратки филмови, прикажани на над 100 филмски фестивали во светот, освојувајќи бројни награди.Од 2015 година е креативен директор на Lynx Animation Studios, најголемо студио за 2Д-анимација на Балканот и го работи првиот македонски долгометражен анимиран филм, научно-фантастичната комедија „Јон Вардар против Галаксијата“. 


 

Цветановски заедно со актерката Егзона Салиху

Тој е, исто така, и режисер на најуспешната македонска анимирана ТВ-серија со над 15 милиони прегледи на „Јутјуб“ за помалку од две години. Цветановски во 2016 година го режира музичкиот спот „Cone of Shame“ за познатиот американски рок/метал бенд Faith No More. Видеото добива одлични критики од музички списанија низ целиот свет, вклучувајќи ги Ролинг Стоун, Метал Хамер, Консеквенс оф Саунд и многу други.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура